Пронајдена црната кутија на рускиот авион што се урна вчера
Спасувачките екипи ја пронајдоа црната кутија на авионот Ан-148, кој вчера се урна во подрачје југоисточно од Москва, информира шефот на регионалниот директорат на руското Министерство за вонредни ситуации Сергеј Полетјкин.
– Црната кутија со параметрите на летот е пронајдена во 18-от сектор од операцијата за пребарување. Меѓудржавниот воздухополовен комитет (ИАК) работи на потврдување и идентификација на уредот, рече Полетјкин.
Авион на руската компанија „Саратов ерлајнс“, во кој имало 65 патници и шест членови на екипаж, вчера се урна југоисточно од Москва.
Авионот летал кон Орск, град што се наоѓа во близина на границата меѓу Казахстан и Русија.