Прилеп ќе пренамени пари за 1.000 земјоделци со уништен род од невреме


Прилеп ќе пренамени средства од локалниот буџет за обештетување на земјоделците од погодените реони од последното невреме кога 100 проценти беше уништен родот на тутунот и пиперките на 1.000 земјоделски семејства, одлучи на денешната седница  Советот на општина Прилеп.

Според градоначалникот Илија Јованоски, во буџетот не постои ставка за исплата, па ќе има пренамена на средствата.

– Откако Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ја врати документацијата со проценките за настанатите штети, на следната седница Советот ќе донесе одлука за висината на средствата, кои согласно финансиските можности, ќе бидат одделени за исплата на дел од штетата. Во буџетот на Општина Прилеп не постои ставка, која предвидува исплата на средства за штети на земјоделски површини, па затоа исплатата ќе ја извршиме со пренамена на буџетски средства, рече Јованоски.

Претседателот на советот Миле Талевски вели дека од голема важност за земјоделците од Прилепскиот регион е усвоениот заклучок, кој се однесува на процената и исплатата на штетите настанати со големото невреме, кое пред една недела ги зафати градот и населените места.

– Оштетени се над 600 хектари обработлива површина, а општинската комисија очекува дека крајниот рок да пристигнат повеќе од 1.000 барања за обештетување. Сите земјоделци кои имаат штети, ќе бидат соодветно и законски обештетени. Преку Министерството за земјоделство, Владата е надлежна да донесе одлука за висината на обештетувањето, врз основа на процената која ќе ја извршат стручните комисии. Откако ќе биде извршена процената на штетата, Советот на Општина Прилеп ќе донесе одлука за обештетување со средства од општинскиот буџет. Ова е прва одлука со која советот на Прилеп им излегува пресрет на граѓаните и им доделува средства за ваква намена, рече Талевски.

Јованоски побара од советниците да донесат заклучок за констатирање природна непогода, а во тој правец е формирањето на две нови стручни комисии, кои ќе помогнат за побрзо и поефикасна процена.

Советниците го усвоија тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈКП „Комуналец“, како и консолидираната сметка за 2017 година. Тие дадоа „зелено светло“ на предлог-одлуките за поднесување апликација и одобрување стредства за „Подобрување на амбиентот и привлечноста на Старата чаршија во Прилеп“, како дел од проектот „Имплементација на студијата за развој на Пелагонија како дестинација за авантуристички туризам-Пелагонија создадена за авантура“. Поддршка доби и предлог-одлуката за финансиски придонес во проектот „Прилепското езеро – нови авантури, нови можности“.

Согласност добија и годишните планови за вработување во локалната самоуправа и во прилепските градинки, а советниците ја изгласаа и одлуката со која на ФК „Победа“  ѝ беа доделени 1.200.000 денари