Поддршка од Собранието за Предлог законот за енергетика, во прво читање


Предлог законот за енергетика, во прво читање, попладнево  доби поддршка од Собранието, кое препорача да биде проследен во натамошна процедура.

Со Предлог-закон за енергетика се врши усогласување со законодавството на ЕУ, со цел да има пренос и диструбуција на електрична енергија за сите.

– Целта на овој закон е и да се заштитат правата на потрошувачите на електрична енергија и на потрошувачите кои не се заштитени. Целта е да имаме ефикасен енергетски сектор кој ќе биде конкурентен и финансиски одржив. Се предвидува и либерализација на производството и снабдувањето со електрична енергија. Со овој закон се предвидува да се зајакне регионалната соработка во сферата на енергетиката и ќе има потполна либерализација на пазарите за електрична енергија и на природниот гас, рече во образложението на предлогот министерот за економија Крешник Бектеши.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и попладнево во расправата обвинија дека целта е да се смени раководството на Регулаторната комисија за енергетика. Обвинија дека власта не кажува какви сериозни предивизици ќе донесе законот во однос на цената на електрична енергија што во иднина ќе ја плаќаат граѓаните на Македонија.

–  Со вакви директиви на ЕУ и ваков закон граѓаните ќе плаќаат повисока цена, рече Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот од ЛДП Горан Милевски, ги отфрли обвинувањата на опозицијата.

– Цената нема да се зголеми затоа што со овој закон се предвидува универзален снабдувач, рече Милевски, посочувајќи дека меѓу останатото со новиот закон ќе се овозможи да се поттикне производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија

Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, законот за енергетика обезбедува конкурентност. Ќе се постигне, како што оцени избалансираност на состојбата во конкурентска игра, која ќе резултира со намалување на цената и за домаќинствата и за правните лица.

– Ангажираната моќност која што беше 33 проценти во сметките на граѓаните и сега ја нема, меѓутоа е претопена во цената на електричната енергија. За фирмите тоа е тн. фамозен максиграф кој што ги оптоварува. Со либерализацијата на пазарот на електрична енергија максиграф повеќе нема. Тие влегуваат во балансна група и со други зборови цената се намалува, рече Анѓушев.

Тој наведе и дека Регулаторната комисија за енергетика досега не решила ниту еден проблем на граѓаните, иако нејзината работа е да ги брани од неоснованите трошоци што им ги наметнуваат операторите  на системите, како што е операторот со дистрибутивниот систем.

За Предлог законот за енергетика, во прво читање, за утре во собраниската Комисија за економски прашања е најавена јавна расправа.