Оди, па фати ги


Горан Адамовски

Тешко е да се претпостави до каде оди неспособноста на институциите во земјава, кога од ден во ден покажуваат дека се кадарни да дофатат нови височини. Невозможно е да се следат, евидентираат и анализираат сите пенали кои ги добиваат, што дури успеваат да предизвикаат чудење во земја во која одамна ништо не е нормално, па граѓаните се навикнати на тоа.

Нестварно е да се слушне дека осомничен за убиство на пратеник и претседател на политичка партија кој, патем, е осуден на 13 години затвор, успеал да побегне од куќен притвор. Никому не му е гајле што Обвинителството побарало куќен притвор затоа што имал кардиоваскуларни проблеми, а судот прифатил, додека полицијата, како што налагаат законите, одвреме-навреме проверувала дали човекот е дома. Во средата, ете, не бил дома. И сега, од кога го нема, му е одреден притвор. Ќе важи кога ќе го фатат.

Човекот, кој, патем, се вика Никола Војминовски, е еден од ретките што не се спаси со амнестијата за 27 април. Премногу беше тешко делото за кое се товари. И покрај тоа, Војминовски имаше неверојатен напад на искреност, па прв од големиот број обвинети реши да проговори пред судот и да каже што се случувало кобната ноќ. Меѓу другото, тој ги потврди тезите на Обвинителството дека упадот во Собранието бил планиран од ексминистерот Оливер Андонов и пратеникот Љубен Арнаудов, како единствен начин да се стави крај на новото парламентарно мнозинство, по што претседателот Ѓорѓе Иванов требало да прогласи воена состојба. По него, и други се присетија на некои детали.

Не дека некои од организаторите добија покана да одговараат за наводните планови, ама со сведочењето на Војминовски, а подоцна и на другите обвинети, се фрли поинаква светлина врз случувањата околу „спонтаниот“ протест поради изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието. И ако власта сакаше да каже „благодарам“, можеше тоа да го срочи врз законска основа, да го ублажи делото или затворската пресуда, па и преку полежерно отслужување на казната.

Вака, како и во случајот со Никола Груевски, не знаеш дали е полошо ако се договориле или ако им побегнал пред очи. Оти ако е првото, ни преспански договор, ни двојазичност, ни ЕУ ни НАТО не ни помагаат да изградиме правна држава, ама ако е второто – тешко нас со вакви безбедносни органи и институции. Ќе ги украдат од дома и нема да знаат.

За само една недела, во земјава се случија два многу големи настани што би предизвикале потрес во секое силно општество, а не пак во кревко како нашето. Се смени името на државата и се објави двојазичноста што реално не остава никого рамнодушен. И под силните приказни за светла иднина и нов почеток под менторство на пријателите од Брисел и од Вашингтон, најмалку што ни треба сега се ситни итроштини што ќе потврдат дека никој не може да ни помогне. Напротив, ако добар дел од народот, иако разочаран и гневен, одлучи да премолчи поради доброто на идните генерации, сега веќе нема изговори и барање алиби.

Утре ќе се навршат точно два месеца откако експремиерот доби азил во Унгарија. Обвинителството уште не знае како побегнал и кој му помогнал. Поддржувачите на власта се надеваа дека Груевски ќе биде посочен од судот како организатор на крвавите случувања на 27 април и ќе добие висока казна. На крајот, за упадот во Собранието изгледа ќе одговара само Нинџа.

Редно е, затоа, да се праша до кога ќе плаќаме за обезбеденото двотретинско мнозинство во парламентот околу договорот од Преспа. Оти ако сакаат правда и мир, можат да ги употребат и алките што ги чуваат во подрумите, а кои им се ставаат на притворените во куќен притвор како алатка за нивно следење. Или ќе треба да почекаме сите да избегаат, па да почнат да ги употребуваат.