Никој нема мандат за амнестија


Слободанка Јовановска

Кој му даде мандат на премиерот Зоран Заев да нуди амнестија? Иако по неговиот говор во Собранието функционери од СДСМ се обидуваа да ја убедат јавноста дека тој зборувал само за помирување, прочка, простување… самиот не демантираше, иако имаше шанса, а не ни објасни зошто би платил „политичка цена“ ако зад ваквите политички флоскули не го стави на маса она за што со месеци тврдеше дека никогаш нема да се случи – да ги ослободи од кривично гонење одговорните за 27 април.

Вчера, за да му се насмее в лице, во Собранието се појави и Никола Груевски, за кого не е покрената никаква истрага околу 27 април, иако неофицијално се слуша дека сите притворени „пропеале“ и се знае кои се можните организатори на обидот за државен удар. Големината на моќта на Заев да простува ги изненади и некои од пратениците од власта кои вчера тврдеа дека за понудата – слушнале додека се обраќаше во Собрание. Немајќи сила да признае дека направи грешка со референдумот, дека преспанскиот договор не му поминува, дека џабе е на власт бидејќи опозицијата му ја диктира политиката, се фати за најлесното што можеше – да ѝ забоди уште еден нож во грб на правната држава.

А, сите оние што излегоа на улиците да го уриваат режимот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ го правеа тоа пред сè од една причина – да одговараат сите замешани во криминал, злоупотреби и деградација на Македонија како правна и како нормална демократска држава. Со тој мотив голем број граѓани гласаа за СДСМ верувајќи дека раните по лицето на Заев се гаранција дека тие што ни ја ставија државата на раб на пропаст на 27 април и што сакаа да убиваат за фотелја и за да останат вечно на власта, ќе се соочат со заслужената казна. Со најавата вчера, колку и да ја релативизираат од СДСМ, Заев е на пат да си го урне главното ветување од својата изборна програма и да ги сврти против себе сите што гласаа за него и за неговата партија на последните избори.

Вака како што тргнал, Заев е на пат да стане најголем политички губитник во Македонија, заедно со министерот Никола Димитров. Дури и да му помине преспанскиот договор, тој нема таква тежина да ја релативизира разочараноста од несудењето на криминалот и од фактот дека со неговите простувања со сите пори на државата сè уште раководи мафијата.

Вака уценет и вака транспарентен во покажувањето дека е уценет, Заев неизбежно ќе се соочи со уште многу отстапки бидејќи играта ја води ВМРО-ДПМНЕ, а не тој. Додека ги доведе опозициските пратеници, кои глумат дека се заплашени, до тоа да ги притиснат копчињата „за“, тој ќе мора малку по малку да ги прифати сите нивни барања за амнестии, а прашање е дали и тоа ќе биде доволно, бидејќи по сето тоа ВМРО-ДПМНЕ може мирно да оди на избори и да победи, бидејќи СДСМ и Заев веќе ќе немаат што да им ветат на гласачите. Она што треба да го знае премиерот е дека оваа битка не го води до победа и дека добрата волја да попушта во политиката, особено во Македонија, се сфаќа само како немоќ, да се направи пазар и да се задржи позицијата. Една работа е, како Љупчо Георгиевски на времето за Рамковниот договор, да попушти за договор за кој цела меѓународна заедница вели дека е во корист на Македонија, а друга работа е да попушти поради таков договор, но на штета на клучните потреби на државата.

Уште повеќе што по сите амнестии изминатите речиси три децении, станува апсурдно постоењето на закони во Македонија. Нека ги укине, барем да се знае официјално дека криминалот е на пиедесталот во оваа држава и дека тој решава дали ќе одиме во ЕУ и НАТО. Тоа што вчера премиерот спомена доаѓање и заминување од политиката е мала утеха, бидејќи граѓаните го избраа да ја направи Македонија подобра, и од неговото заминување, зад кое ќе остане уште една руина од правната држава, нема ама баш никаква придобивка. Што ќе биде на крајот на краиштата пораката – ајде да ја прифатиме уште оваа амнестија, па кога Македонија ќе стане земја членка на НАТО ќе почнеме да градиме правна држава!

Во многубројните реакции вчера на социјалните мрежи една ги сумираше сите – борејќи се за простување со заблудените, Заев ќе ги изгуби правичните. Борејќи се за НАТО, ќе ја фрли на колена Македонија. Ни името, ни преспанскиот договор, ни НАТО, ни ЕУ не вредат да се прави ваква трампа ниту, пак, таква жртва. И, не само што не вредат, туку нема ни да нè доведат до посакуваната цел. Доста беше вчера само да се следи директниот пренос од Собранието и да се слушаат амнестирани и наскоро амнестирани политичари како зборуваат за национален интерес и за морал, за да сите сфатиме каде сме и да си купиме билет за еден правец.