Наглите разлики во температурата ќе ги доразболат хронично болните пациенти
Промени на крвниот притисок, главоболки, вртоглавици, лоша циркулација, се последиците кај хронично болните, но и кај здрави луѓе поради наглите температурни разлики.
– При вакви промени во пролет или во есен, кога има големи температурни разлики, кај возрасните и оние кои имаат хронични заболувања доколку е нарушена циркулацијата тогаш и пациентите имаат зуење во ушите, најчесто со вртоглавици, главоболки – вели д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.
Лекарите апелираат секој пациент кој има тегоби, вртоглавица, нарушена рамнотежа, зуење во ушите, некои други промени во телото да се обратат кај своите матични доктори, за да им биде дадена соодветни терапии.
– При промена на времето најчесто во Итната медицинска помош се јавуваат луѓе кои имаат вртоглавица, гадење, зголемен или намален крвен притисок, слошувања. Бројот на повици во Итната медицинска помош деновиве не е зголемен. При секоја промена на времето симптомите кои се јавуваат кај пациентите се идентични. Тие треба да земаат редовна терапија – вели д-р Весна Неделковска од Итната медицинска помош.
Итната помош интервенирала во стотина случаи, а совети преку телефон добиле 50-тина луѓе.