Мицкоски со Вучиќ: Иднината на Балканот е во прогресивни политичари


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски утрово во Белград оствари средба со српскиот претседател, Александар Вучиќ. Разменети биле мислења и ставови за повеќе актуелни теми врзани со регионалните предизвици, начините за интензивирање на соработката и стратешките интереси на двете држави, соопштија од најголемата опозициска партија во земјава.

„Водењето на добрососедска политика, меѓусебното разбирање и почитување базирано на принципи и вредности преставува трајна добивка за регионот, а за тоа клучни се интензивните контакти и широко подадената рака за пријателство. Република Македонија и Република Србија споделуваат повеќе заеднички вредности, но и предизвици поврзани со членството во НАТО и Европската Унија и дека тука е потребна соработка и размена на искуствата како и еден отворен и транспарентен пристап од двете страни. Ние сме за градење на мостови на соработка, иднината на Балканот е во прогресивните политичари кои умеат да ги заштитат државните интереси и да придонесат за градење на интегрирани општества“, рече Мицкоски.

Тој и потпретседателот Александар Николоски го информираа Вучиќ за состојбата во Република Македонија, при што изразиле загриженост за недостатокот на демократски капацитет на владата за издржан дијалог, опасноста од политичкиот терор кој се спроведува врз политичките неистомисленици, како и немањето на сериозен концепт за важните прашања од сферата на надворешната политика каде клучно е заштитата на државните и национални интереси.

„Наметнувањето на теми како законот за јазици, немањето на коцнепт за економски развој, немањето на реформски правец и поразителните економски резултати придонесуваат за слабеење на стандардот на граѓаните, нешто што ја влече државата наназад, и ја одалечува од стратешките интереси за членство во НАТО и ЕУ“, заклучи Мицкоски.

Ова е трета средба од балканската агенда на претседателот Мицкоски и потпретседателот Николоски, каде освен со претседателот на Србија, беше остварена средба и со хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, и словенечкиот лидер на СДС и поранешен премиер Јанез Јанша. (Г.А.)