Македонец приведен во фудбалскиот скандал во Белгија


Фудбалскиот скандал што ја тресе Белгија се шири од ден на ден. Медиумите од регионот пренесуваат дека приведен е и Македонецот Драган Силјаноски. Тој се сомничи дека перел пари во соработка со криминалната организација одговорна за хаосот во Белгија. Хрватските весници пишуваат дека Силјаноски му бил менаџер на тренерот на шампионот Бриж – Хрватот Иван Леко, кој, исто така, беше приведен, па пуштен по една ноќ во притвор. Покрај тоа, Македонецот му бил менаџер и на хрватскиот репрезентативец Иван Сантини, кој игра во Андерлехт, но тој не се споменува како осомничен.

Во акцијата во Белгија, Франција, Кипар, Србија и Македонија се испитуваат членови на управи на фудбалските клубови, менаџери на играчи, адвокати, сметководители, златари и новинари. Најголемата драма се случува во Белгија, каде дури осум клубови од првата лига се сомничат за местење.