Лошите вести од ВМРО-ДПМНЕ се добри


Ерол Ризаов

Лошите вести од ВМРО-ДПМНЕ се добри за Македонија. Распадот на единствената легална револуционерна партија во Европа може да го спречи претседателот Христијан Мицкоски ако поднесе неотповиклива оставка, која ќе означи почеток за консолидација на опозицијата.

Надојденото цунами со оставки во партискиот врв ако ги збрише сите компромитирани наследници и послушници на Никола Груевски, кои повеќе од една деценија работеа на упропастувањето и ограбувањето на државата и граѓаните, може да ја спаси партијата побрзо и побезболно отколку ако раздорот по неколкумесечни внатрепартиски борби заврши со разрешување на Мицкоски. А, најлошо за ВМРО-ДПМНЕ и најдобро за Македонија би било Мицкоски да остане со своите истомисленици осамен на банкротираниот престол во палатата под стечај. Само трошки од украдените и изрекетирани пари оделе во партиската каса, која по заминувањето на Груевски е празна без скршена пара. Поточно, полна е со хипотеки. Милионите од уцени, од мито и провизии завршиле во џебови. Најбогатата партија во Европа е фалименто во секој поглед. Белиот дворец и другиот имот е замрзнат и не смее да се распродава. Судските постапки, кои се во тек и тие што допрва ќе се отворат, ќе ја потврдат вистината за најголемиот грабеж на столетието откако е почнат пљачкашкиот поход на ВМРО, чиј најголем дострел во ајдутсвото го достигна ДПМНЕ.

Кога Христијан Мицкоски еден месец пред референдумот одлучи да размислува дваесет дена каков став ќе има партијата имаше шанса нешто и да смисли и да ги направи подготовките за ослободување од тешкиот товар кој му го ставија врз грбот тие што го донесоа за да им го чува престолот. Не смисли ништо добро. Напротив, ја избра најпогрешната страна да оди бос по трње против сите здраворазумски и логични разврски. И наместо да покаже дека нема добро решение без опозицијата и без ВМРО-ДПМНЕ тој докажа дека не можат повеќе да се попречуваат историските процеси. Наместо да поентира со ставот дека нема влез во Европа и во НАТО без заеднички проглас до граѓаните за остварување на стратегиските интереси за кои се определи и ВМРО-ДПМНЕ од формирањето на партијата, тој го заостри уште повеќе судирот со сите релевантни политички партии во земјата. Влезе во судир со највлијателните државници на Европската Унија и со интересите на НАТО, се спротивстави на политиката на стратегискиот партнер Америка, се нафрли врз сите соседи и конечно почна со пресметка со неистомислениците во партијата.

Таква губитничка, антидржавна, антипартиска доктрина по 20 дена размислување на која страна да тргне не можеше да смисли по цели десет години длабоко опсервирање на иднината на Македонија ни претседателот на државата на заминување, Ѓорге Иванов. Поточно, тешко е човек да процени чии грешки се најтрагични и најтешки – на Груевски кој владееше без контрола 11 години, на претседателот Иванов кој исполнуваше партиски задачи девет и пол години, или на Мицкоски кој за неколку месеци, наместо да ги отфикари и двајцата, го презеде нивното наследство и целиот баласт на нивните грешки. Жалниот производ на потезите на Мицкоски се препознавање на ВМРО-ДПМНЕ, дома и во светот, како антизападна, анти-НАТО и антиевропска анахрона националистичка партија, која нема ниту еден партнер во државата, политичка партија која кај сите во соседството предизвикува недоверба и во која не гледаат можност за добра соработка и пријателство.

Како среќна разврска за Македонија се последните потези кога почна типичната вмровска историски наследена меѓусебна пресметка на патриотите и предавниците, на кодошите и арамиите, на вистинските и лажните војводи и основачи на револуционерната организација. Потегот на Мицкоски да го истури во дворот на политичките противници товарот што му го ставија врз грбот, притоа задржувајќи го недопрен главниот виновник, предизвика силни реакции не само во врвот на партијата, туку и во целата јавност. Валканите алишта на ВМРО-ДПМНЕ не се изнесуваат само во судските сали и во бомбите, туку и во јавните настапи на до вчера неприкосновениот партиски врв. Трагикомично изгледаат некои нови лица, стари добро познати сурати, кои сè уште се обидуваат преку медиумите и преку социјалните мрежи да продадат евтини лаги за светски заговори, за предавства и за спасување на Македонија од договорот со Грција и од грчките, бугарските, албанските и српските испостави и шпиони и медиуми кои работат непречено во земјата против Македонија.

Нивните лелеци за спасување на идентитетот на македонскиот народ веќе служат за потсмев и кај најтврдокорните кои исчезнаа од јавната сцена. Ми наликуваат на последните јапонски фанатици кои на пустите острова на Пацификот до пред дваесетина години го чекаа непријателот. Разликата е во тоа што тие не знаеле дека е завршена Втората светска војна, уште пред повеќе од 50 години. Овие наши тазе патриоти, кои во животот не испукале ниту еден куршум и кои кога зборуваат пред камери викаат како улави сè уште не знаат дека токму тие им го нанесуваат најголемиот срам и на државата и на партијата и на сите граѓани оти уште не разбрале дека битката за спасување на Македонија е завршена токму со преспанскиот договор. Прегазени од времето пишуваат во весниците фантастични тези на кои не може да одговори ни науката. Тие знаат сè. Нема нешто што не предвиделе и не напишале навреме, ама немало кој да ги разбере.

Излезот од кризата веќе се наѕира, иако во Македонија никогаш не може да се каже дека е готово додека не заврши. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и тие што се спротивставија на неразумните и губитнички директиви, кои се ослободија од стравот, се тие што ќе ја ослободат партијата од тешкиот баласт. Уставните промени ќе се донесат со поголемо мнозинство од две третини. Новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во евроатлантските интеграции на државата и како опозиција и не е исклучено во еден период и како власт. Во наредните десет години ќе има многу работа за сите додека траат преговорите со Брисел.

Помилувања, а не амнестија, ќе има откако главните организатори на обидот за државен удар на 27 април лани и тие што беа должни да го спречат, а не го направија тоа, ќе одлежат половина од затворската казна. Помирување и простување може да има со тие што биле жртви на наредби и притисоци и кои ја признале својата вина со каење и извинување. Другите обвинети за тешки кривични дела и злосторнички здруженија, за организиран криминал и корупција ќе ги отплаќаат уште долго долговите за сторените дела. Тоа се принципите на владеење на правото без кое нема заминување од Балканот. Македонија е на добар пат да стаса до целта.