Косово доби поддршка од Емиратите за зачленување во Интерпол


Министерството за внатрешни работи (МВР) на Косово соопшти попладнево дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ќе ја поддржат косовската полиција во нејзината намера за зачленување во светската полициска организација Интерпол.

Делегација на косовското МВР, предводена од заменикот министер Селами Шкодра, престојува во официјална посета на ОАЕ, во пресрет на годишната сесија на Генералното собрание на Интерпол, што во ноември ќе се одржи во Дубаи.

Косовската делегација, се вели во соопштението, се сретна со заменикот секретар за внатрешни работи на ОАЕ, генералот Саиф Абдулах Ал Шафар, кој изразил поддршка за зачленувањето на Косово во Интерпол на Генералното собрание на организацијата, што ќе се одржи во неговата земја.

Шкодра при посетата нагласи дека процесот на зачленување на Косово во меѓународните безбедносни организации е во интерес не само на Косово, туку и на сите земји членки на тие организации.

– Зачленувањето на Косово во безбедносните организации, посебно во Интерпол, е главен приоритет на МВР, кој ќе му помогне на Косово да придонесе за регионалната и глобалната безбедност, станувајќи активен дел во размената на информациите за криминалните групи, изјави Шкодра, нагласувајќи дека „Полицијата на Косово е една од најпрофесионалните полиции во регионот и има целосен капацитет за меѓународна соработка“.