Како ќе изгледаат новите банкноти од 10 и 50 денари
Народната банка на Република Македонија денеска го претстави првичниот сликовен приказ на полимерните банкноти, кои на 15 мај годинава влегуваат во оптек, а се во апоенска вредност од 10 и 50 денари.
Основната разлика меѓу овие и книжните банкноти од истата апоенска вредност што се повлекуваат од оптек е материјалот што се користи како подлога за печатење ‒ хартијата изработена од памучни влакна се заменува со специјална подлога, супстрат изработен од биаксијално ориентиран полипропилен.
Поради постигнување компатибилност за печатарска изведба на супстратот за изработка, од НБРМ наведуваат дека е направено соодветно приспособување на основниот дизајн на банкнотите.
Наместо водениот печат којшто го содржат книжните, полимерните банкноти ќе содржат транспарентен прозорец во кој се вградени препознатливи елементи од нивниот оригинален дизајн. Кај апоенот од 10 денари претставен е стилизиран цртеж на паун, додека кај апоенот од 50 денари има приказ на гравура на рановизантиска монета.
Заштитниот конец кај полимерните банкноти ќе се гледа како испрекината линија, со јасно испишан текст „НБРМ“, додека кај книжните банкноти, тој е вткаен во хартијата и под дејство на светлина се гледа како непрекината линија со јасно испишан текст „НБРМ“.
Како заштитни знаци, овие полимерни банкноти ќе содржат и микротекст видлив само со лупа, двоен пасер и скриена слика, а ќе имаат и УВ-својства.
На нив, појаснуваат од НБРМ, ќе има и ознака во вид на издигнати точки за распознавање на различните апоени од страна на лицата со оштетен вид.
Од денот на пуштање во оптек на полимерните банкноти со апоенска вредност од 10 и 50 денари – 15 мај, книжните банкноти со истата апоенска вредност престануваат да бидат законско средство за плаќање