Искористеното масло не е отпад туку суровина за биодизел


Примарната дејност на компанијата „Суниленс“ е увоз и трговија со масло за јадење и други прехранбени производи, но во последните девет години го развива и концептот за еколошко постапување со отпадното масло за јадење. Андреј Ѓокиќ, менаџер за развој на компанијата го објаснува системот за собирање, транспорт, третман и складирање на отпадното масло од угостителските објекти и домаќинствата. Крајниот резултат е производство на еколошка суровина за производство на биодизел, која завршува на европските пазари.

Компанијата „Суниленс“ веќе една година го спроведува проектот „Рециклирај и донирај“, за собирање и рециклирање отпадно масло за јадење од домаќинствата. Каков беше одѕивот на граѓаните?

Од мај минатата година граѓаните во Македонија имаат можност да го собираат отпадното масло кое им останува при подготовка на храна во нашите трилитарски кантички наменети за еколошко постапување со овој отпад. Откако ќе се наполни кантичката, домаќинствата нѐ контактираат и нашиот тим ја подига собраната количина отпадно масло и врши директна достава на нови и чисти садови до секој собирач. Притоа, за секои собрани три литри отпадно масло доделуваме половина литар сончогледово масло како дополнителна мотивација за граѓаните. Секој собирач добиеното сончогледово масло може да го задржи за себе или да го донира преку здружението „Љубезност“ до социјално загрозени семејства во рамките на акцијата „Рециклирај и донирај“. Главната цел на овој систем за собирање отпадно масло од домаќинствата е да ги мотивира граѓаните да применуваат еколошки практики кои позитивно ќе влијаат на животната средина.
Во проектот соработуваме со повеќе од 1.100 семејства од цела Македонија, а бројката на заинтересирани граѓани континуирано се зголемува. Преку поширока национална кампања, сакаме нашите екоедукативни проекти да ги доближиме до сите граѓани. Како резултат на напорна работа и континуирана едукација на населението, за релативно краток период успеавме да собереме 1,25 тон отпадно масло од домаќинствата, додека преку „Рециклирај и донирај“ се донирани над 100 литри сончогледово масло до сиромашни семејства.

Искористеното масло за јадење е еден од главните загадувачи на одводните системи и на природата, но воедно и многу опасно за здравјето на луѓето. На кое ниво е еколошката свест кај граѓаните?

Отпадното масло предизвикува големи загадувања во природата, но и економски штети. Несоодветното исфрлање на овој вид отпад претставува најчест причинител за загадување на водата и почвата. Само еден литар отпадно масло може да загади до еден милион литри вода. Фрлањето на отпадните масла за јадење во мијалникот или тоалетниот одвод во 40 отсто од случаите е причина за затнување на канализационите системи. Ова најчесто се случува во урбаните средини каде што имаме висока концентрација на население кое исфрла отпадно масло и ги замастува цевките од канализацијата. Дел од светските истражувања и анализи покажуваат дека на годишно ниво санирањето на блокадите предизвикани од масти и масла за јадење кои се исфрлени преку одвод чинат 17 евроценти по жител. На пример, во Велика Британија овој трошок изнесува 100 милиони евра на годишно ниво.

Прегореното масло, освен што ги загадува реките и почвата, има и канцерогени својства. Затоа, еден аспект од нашата мисија е и едукација на населението и угостителите дека повеќекратната употреба на маслата за јадење е штетна по нашето здравје. Според истражувањето на „Гоу грин“, 37 отсто од испитаниците кажале дека се информирани дека искористеното масло за јадење може да се рециклира. Само 2 отсто од испитаниците одговориле дека го одложуваат искористеното масло за јадење. Над 70 отсто од домаќинствата отпадното масло го фрлаат во одводите во кујна или во тоалетот, а околу 20 отсто го собираат во посебно канче и го фрлаат заедно со останатиот отпад.
Еколошката свест се развива и се гради со создавање на услови за собирање и рециклирање на отпадот, лесно достапни до граѓаните. Токму тоа е нашиот концепт. За нас е најважно домаќинствата да го поддржат и да се вклучат во новиот екосистем за собирање, односно да ја собираат секоја количина отпадно масло за јадење која ја создаваат. Сега првпат имаат можност да се запознаат со еколошкиот бенефит од собирањето и рециклирањето на отпадното масло, да бидат мотивирани да го собираат и да се запознаат со штетите од него доколку не се одлага на правилен начин. Според нашето искуство, едно семејство кантичка од три литри отпадно масло може да ја наполни за два до три месеци, но секако зависи и од навиките за готвење на секое домаќинство и начинот на исхрана. Еколошката свест кај населението и менталитетот постепено почнува да се менува. Ние стартувавме неодамна, а во земјите во ЕУ 70 до 80 отсто од населението соодветно го собира и предава овој отпад.

Има ли примери на угостителски објекти што одбиваат да бидат дел од вашиот систем или, пак, некои што не го менуваат доволно често употребеното масло?

Во последните девет години собравме и преработивме над 2.750 тони отпадно масло за јадење од повеќе од 850 создавачи во прехранбената и угостителската индустрија, што е значителен резултат за нас и за животната средина во Македонија. Собираме отпадни масла за јадење од ресторани, хотели, сендвичарници, пабови, супермаркети, производители на чипс, грицки, кондиторски и други видови прехранбени производи. Интересот кај создавачите на отпадно масло во угостителската и прехранбената индустрија, кои имаат и законска обврска да следат еколошки стандарди, постојано расте и се зголемува.
Нашите резултати од прехранбената и угостителската индустрија покажуваат дека сме постигнале огромен напредок во поглед на едукацијата за соодветно собирање на отпадно масло. Сепак, сѐ уште има простор за подобрување на овие еколошки практики, преку зголемување на фреквенцијата на менување на маслата за јадење кои ги применуваат при подготовката на храна.
Би се зачудиле ако ви напоменам дека сѐ уште има некои ресторани и сендвичарници кои многу ретко го менуваат маслото за јадење. На пример, во еден познат скопски угостителски објект, кој опслужува огромен број луѓе секој ден, ни предаваат отпадно масло во минимални количини во однос нивниот обем на работа со образложение дека создаваат многу малку отпадно масло. Кога ги прашавме како ги користат фритезите и како е можно да немаат поголеми количини отпадно масло, ни одговорија дека пржат со висококвалитетно растително масло, а кога количеството ќе се намали во фритезите, само ги дополнуваат. Замислете колку пати е прегорено тоа масло и што јадеме сите ние како крајни потрошувачи? Ваквите проблеми во западните земји се решаваат со мерачи за маслото за јадење, кои се користат од страна на инспекциските служби. Постојат утврдени параметри и единици според кои се знаат дозволените вредности на маслото во кое се пржи храната, овој процес лесно може да утврди колку масло троши еден угостителски објект и колку често го менува, односно колкави количини отпадно масло создава и треба да предаде на овластени компании.

Кој е еколошкиот начин на постапување со собраното отпадно масло за јадење?

Нашата ефикасна колекторска мрежа ни овозможува да собираме отпадни масла низ цела Македонија кои се преработуваат со користење на современа опрема и технологија, со загревање, седиментација, прочистување и филтрација. Тие се пласираат како готова екосуровина на пазарот во Европа. Нашиот екосистем за собирање отпадно масло е во согласност со националниот Закон за управување со отпад и Законот за животна средина. Сертифицирани сме и според водечкиот ISCC EU систем и Директивата за обновлива енергија 2009/28/EC. Секоја капка отпадно масло за јадење кое го собираме се рециклира во процесот на производство на обновлива енергија и придонесува до 80 отсто намалување на штетните CO2 гасови. Од отпадните масла за јадење што ги собираме и третираме се произведува квалитетен биодизел од страна на реномирани европски фабрики според највисоките стандарди EN 14214.

Какви се европските искуства во оваа област и каде е Македонија во споредба во земјите од ЕУ?

Во сите земји членки на ЕУ на годишно ниво се собираат околу 725.000 тони отпадни масла и масти за јадење од индустријата и домаќинствата, што претставува 1,45 килограм по жител. Во Словенија, на пример, се собираат околу 3.000 тони отпадно масло на годишно ниво. Кај нас, според нашите резултати и анализи, се собираат над 600 тони отпадно масло на годишно ниво, односно околу 0,3 килограми по жител.
Анализите покажуваат дека во нашата земја има простор да се собираат уште повеќе количини отпадно масло, особено кај домаќинствата, но досега немаше функционален систем за собирање од овој сегмент. За да се приближиме до европскиот просек по глава на жител, на годишно ниво треба да се собираат уште 2.000 тони отпадно масло.

Примерот на високоразвиените економии треба да ни биде поттик да продолжиме со работа и да не се откажуваме. Едукацијата што ја спроведуваме е многу важна. Данска започнала во 1992 година и во оваа дејност континуирано инвестира, додека Австрија има одличен систем за собирање на отпад од домаќинствата каде што самите општини се длабоко инволвирани во самиот процес. Ние почнавме во 2009 година и досега имаме постигнато одлични резултати во подигање на еколошката свест што се потврдува од досега собраните количини на отпадно масло. Сега продолжуваме со нови екопроекти за да постигнеме позитивни резултати и промени и кај домаќинствата.

Сања Наумовска