Избрани се три-четири претседатели на државата
Ерол Ризаов
До претседателските избори ќе имаме два натпартиски претседатели. Еден на ВМРО-ДПМНЕ, со веќе прогласената мајка на мајковината, стопроцентна победничка; и еден заеднички на СДСМ и ДУИ, татко (или мајка) на татковината, ептен сигурен победник. Мајката е веќе избрана како сенароден кандидат на сите македонски патриоти. А, таткото го избраа истиот миг штом му го кажаа името и презимето, и тоа со широк консензус на македонските предавници и изроди, заедно со албанските партизани – бунтовници. Тоа е што се однесува до Северна Македонија. Другите двајца претседатели, саде на оригиналната Република Македонија, се актуелниот очув кој се грижеше беспрекорно и послушно цели десет години да не мрднеме од место и да не се чепне во интересите на страховладата и на заштитата на криминалната банда од врвот на власта која го ограби народот. Четвртиот најпатриотски претседател, кој е избран пред изборите, уште првиот ден кога ќе седне на работната маса на 12 мај, без да полага заклетва над Уставот со фалсификувано име, ќе поништи сè што потпишале, изгласале и што прифатиле домашните предавници и надворешни непријатели.
Човечево нема ништо да потпишува додека сите сегашни и поранешни предавници, и од лево и од десно, не ги смести во затвор и не им ги исече канџите на орлите. Потоа ќе распише парламентарни избори и ќе ја врати Северна Македонија таму кај што беше. Многу веројатно е дека покрај овие три-четири претседатели ќе има уште по некој што се гледа себеси како татко или мајка, на сите Македонци и немакедонци, или како божји пратеник и спасител, ама уште тоа не го обелоденува од разбирливи медицински причини. Во ваквата изборна трка на однапред прогласени и самопрогласени претседатели, засега сигурно е дека на 5 мај ќе има еден или ниеден победник. Кој било да биде избран од тие што имаат реални шанси ќе ги прифати сите меѓународни договори и уставни измени, закони и стекнати права. За тоа, бидете без гајле, тука нема ништо да се промени. Односно, тие што очекуваат да се вратиме таму кај што бевме имаат право да бидат загрижени и натаму, оти нивните очекувања нема да се остварат, дури и ако победи нивниот кандидат.
И да не биде избран никој, пак нема ништо да се промени. Република Северна Македонија ќе биде членка на НАТО и ќе ги почне преговорите со ЕУ во текот на 2019 година, а кога ќе ги заврши преговорите ќе зависи исклучиво од нас, односно од политичките лидери, влади и најмногу од граѓаните. Кога ќе бидат спроведени реформите од 35 поглавја на Брисел, дали по шест, осум или десет години, тогаш членството во ЕУ ќе биде помалку или повеќе техничка работа без многу емоции и таламбаси. Остварените реформи ќе го означат следниот процес на европеизација која трае многу подолго од реформите за редовно членство, особено кај балканските народи. Многу тешко се станува Европеец од Балканец. Тоа веќе не се економски и политички реформи, тоа е темелна промена на свеста и културна револуција, конечен пораз на примитивизмот, провинционализмот и заостанатоста, процеси што траат со децении и подолго.
За ова тврдење еве ги емпириските докази, кои ги знаеме безмалку сите, ама ете не секогаш ги имаме на ум: од првата држава со одлука на АСНОМ поминаа 75 години. Тоа е еден добар период да се изгради пристојна демократска и правна држава со независно судство, со професионална администрација и функционални институции на системот. Тоа се четирите главни предуслови за отпочнување и за завршување на преговорите со ЕУ. Такво демократско општество, по урнек на западните демократии, по сиве овие 75 години, не изградивме.
За правна држава и независното судство и комплетен функционален правосуден систем – што да ви кажам. Катастрофа во континуитет. Првите нарачани и партиски режирани судења и преки судови и пресуди почнаа уште пред АСНОМ, а никогаш не завршија. Судските постапки во Федерална, Народна, Социјалистичка, во Република Македонија, во Северна, уште во старт со турбо почеток, нема големи разлики. За една меѓа, за еден ѕид, за соба, штала… за неплатен долг, делењето правда трае со децении, а по смртта на парничарите се пренесуваат и на нивните наследници. Ќе ви стаса препорачано писмо на домашна адреса дека негде во минатиот, или почетокот на овој век не сте платиле сметка за струја, вода, парно… иако во рок од седум дена не платите износ неколку пати поголем, со лихварска камата и извршителски награди ќе ви ја пленат покуќнината.
Ако ви го оберат арамии овоштарникот, бостанот, или лозјето, полицијата вели ние не сме падари. Ако ви ја ограбат куќата, станот или украдат автомобилот, кога ќе дојдат полициските експерти да вршат увид ќе ви се крене косата на глава од рамнодушноста и баналноста која им е дојдена преку глава од стотици секојдневни разбојништва. Откако по десет минути ќе сликнат и измерат, на заминување ќе завртат неколку пати сомничаво со главата и ептен утешително ќе ви кажат тешко дека ќе ги фатат, а и ако ги фатат не се надевајте дека нешто ќе ви вратат. Велат, осигурајте се.
Има и пострашно. Според некои неофицијални пресметки меѓусебните побарувања на компаниите, претпријатијата, приватни и државни изнесува неколку милијарди евра. Судењата траат толку долго што откако ќе бидат донесени пресудите наплатата не е можна, односно ако должникот има некаков имот прво ќе се задоволат потребите на најмоќните, а потоа на вработените, или на малите приватни компании. Експертите велат ако се одреди датум до кој сите заостанати побарувања треба да се исплатат две третини од компаниите ќе завршат со катанец на врата. Катаклизмично банкротство на државата. Некогаш неплатениот долг бил жив срам и повод за јаже на вратот, денес се смета за голем бизнис. Должиш на сите страни, а си богат како кнез.
И сега кога оваа подлога е сосема гнила што очекувате да се случи со тешките случаи на тестирање на владеење на правото, како сега се нарекува, делењето на правда и заштита на приватниот имот на граѓаните и имотот на државата, без што не функционира ништо во земјата, бидејќи тие што треба да го спроведуваат правниот систем и уставниот поредок го кршат и Уставот и законите и се најголемите попречувачи на правдата. Така, највисокиот законодавен дом и неговиот претседател можат да си играат мајтап со граѓаните и да не го одземат имунитетот на осомничен организатор на државен удар и обиди за убиства на пратеници.
Можат да избегаат од земјата без големи напори осуденици од највисокиот врв на претходната власт иако се казнети со казна затвор, или се главни осомничени за тешки кривични дела. Може без голема возбуда ненадлежниот Врховен суд да го блокира Специјалното јавно обвинителство. Така е тоа и со демократијата, како и со владеење на правото, а какви се тие, таква е и администрацијата, така функционираат и институциите на системот и разузнавачките служби.
Познати се противниците на најзначајните стратегиски цели на државата и на граѓаните. Носителите на тие активности не се кријат и не се во илегала. Работат јавно и бараат поништување или ремонт на Преспанскиот договор, кој е главниот предуслов за деблокирање на европскиот пат и иднината на земјата. Со лаги и отровна популистичка пропаганда бараат казна за тие што го постигнале најзначајниот и најголем успех во поновата историја, на што светот симнува капа. Можно ли е со овие сознанија ако стасале до сите граѓани да се доведе во прашање и да се поништи овој успех. Не е за верување, ама не кажи двапати. На таа карта јаваат сите веќе избрани претседатели на државата.