Западен Балкан чека поевтин роаминг со ЕУ


Се уште нема конкретни рокови и активности од надлежните институции за ветеното намалување на меѓународните тарифи за роаминг во телекомуникациските услуги, по потпишаниот меморандум меѓу Македонија и Бугарија.

Новини се очекуваат на претстојниот дигитален самит, чиј домаќин ќе биде Македонија во април, и на Самитот за Западен Балкан, што треба да се одржи во мај во Бугарија, која ја покрена иницијативата за намалување на цените.

Од македонското регулаторно тело – Агенцијата за електронски комуникации, велат дека се уште не добиле никави насоки за постапување по меморандумот, што на 23 ноември лани го потпишаа македонскиот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и бугарскиот министер за транспорт и информатички технологии, Ивајло Московски.

Не се почнати процедурите со кои регулаторните тела, како што беше најавано, ќе ги поттикнат операторите да склучат договори за пониски цени при разговор, пораки и интернет во роаминг. Сега за минута разговор во роаминг од Бугарија во Македонија се плаќа меѓу 90 и 210 денари и 750 денари за мегабајт интернет.

Прашањето за драстичното намалување на цените на роамингот беше актуелизирано на последниот состанок на министерот Манчевски со еврокомесарката Мариа Габриел.

– Во текот на јануари, како што го информираше министерот Манчевски, еврокомесарката на состанок со телокомуникациските оператори од регионот разговарала за конкретни мерки и активности кои треба да се преземат во периодот што следува. Во мај, од страна на Европската Комисија ќе биде претставен план со активности и рокови за спроведување (road map), за намалување на цените на роамингот за земјите од Западен Балкан, велат од МИОА.

На оваа тема, додаваат од ресорното Министерство, ќе се разговара и на Дигиталниот самит на Западен Балкан, што ќе се одржи во април во Скопје.

Во меѓувреме, потенцираат, МИОА, во соработка со АЕК работат на измени на регулативата кои треба да овозможат намалување и целосно укинување на трошоците за роаминг.

Како што изјави портпаролката на Европската Комисија, Натали Вандејстад, на состанокот на операторите минатиот месец во Брисел, е побарано регионалните компании да ги истражат можните опции, како што се доброволните комерцијални или други договори за да се намалат цените на роамингот помеѓу земјите од Западен Балкан. Компаниите се согласиле да разговараат со свои предлози со Комисијата во наредниот период.

Заложбите и конкретните мерки за драстично намалување на цените на роамингот во регионот се најавени како дел од клучните пораки на Дигиталниот самит, како прашање од важност за сите граѓани од регионот.

– Процесот нема да биде лесен, во него ќе бидат вклучени сите, и операторите и институциите и доколку постои политичка волја и конкретни активности, верувам дека ќе успееме да го направиме тоа во наредниот период, изјави еврокомесарката Габриел, по средбата со министерот Манчевски.

Според најавите, Габриел ќе го отвори Дигиталниот самит за државите од Западен Балкан, на кој Македонија е прва држава домаќин, како дел од Берлинскиот процес, како потврда дека дигиталната агенда е во фокусот на претседателството на Бугарија со Европската унија.

Паралелно со овие активности регулаторните тела на Македонија, Црна Гора, Србија и БиХ почнаа активности за натамошно намалување на меѓусебните цени во роамингот, по трикратното намалување на цените со договорот од 2014, кој беше заокружен лани.

Одлучија да се продолжи со намалување на цените на роаминг услугите преку имплементација на ЕУ регулативата „роаминг како дома“. Регулаторното тело на Црна Гора достави предлог текст на нова спогодба за која државите треба да достават коментари и предлози.

За имплементација на ЕУ регулативата „роаминг како дома“ (пакет од три регулативи), потребни ќе бидат измени во Законот за електронски комуникации како и можни измени во одредени подзаконски акти на АЕК.

Во таа насока, како што информираат од ресорното македонско Министерство, веќе е започната соработка помеѓу МИОА и АЕК за да се утврдат потребните измени во Законот за електронски комуникации, и на подзаконските акти на АЕК. Од особено значење е процесот да биде паралелен и усогласен во сите земји од Западен Балкан, потенцира МИОА.

Од 1 јули минатата година Македонците зборуваат поевтино кога патуваат во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, откако кога стапи во сила третато намалување на цените на роаминг услугите согласно Договорот меѓу четирите држави од 2014 година. Минута разговор дојдовен повик сега чини 11,6 денари, а пред три години изнесуваше 67,9 денари, за СМС порака сега се плаќа 3,7 денари, за разлика од старата цена од 12,3 проценти.