За седум години Албанија ја напуштиле 330.000 жители
Во изминатите седум години, од 2011 до 2017-та, од Албанија емигрирале околу 330.000 лица.
Како што јави дописникот на МИА, бројот на оние кои ја напуштиле земјата е еднаков или поголем од бројот на жители на втората по бројност околија Фиер со 302.000 жители и на околијата Драч со 285.000 жители.
Овие податоците денеска ги соопшти албанскиот Државен институт за статистика, кои потврдуваат дека 28 години по првиот емиграциски бран, албанските граѓани се уште сакаат да ја напуштат земјата.
– Во последните седум години, најголем одлив е забележан во 2011 година или 52.000 лица. По постепеното намалување во текот на годините, нов бран на емиграција е забележан во 2017 година, кога емигрирале 40.000 луѓе, наведува Институтот.
Поради тешката економска состојба или во потрага по подобар живот продолжува иселувањето на населението претежно во земјите на ЕУ, но и во САД.
Оние кои ја напуштаат земјата се од сите социјални структури. Така, во последните три години земјата ја напуштиле најмалку 600 лекари, а само лани 167, покажуваат официјалните податоци.
Емиграцијата заедно со намалениот наталитет се главните причини кои доведуваат до намалување на бројот на населението.
Според статистичките податоци, на 1 јануари 2018 година Албанија имала 2.870.324 жители, што е намалување за 0,2 отсто, споредено со иститот датум лани.