Дедо Мраз


Лејла Сабит

Ги испративме честитките, ја накитивме елката, ги избравме подароците, сега го чекаме Дедо Мраз.

За некого мит, за некого заблуда, за некого вистина, за некого лага, за некого надеж, за некого очај, за некого господин, а за некого само дедо со црвен костум и бела брада.

Животот е збир на среќа и несреќа, на добри и лоши одлуки, на добри и лоши моменти во вистинско или погрешно време, и сами избираме дали ќе го пуштиме Дедо Мраз, тивко, на полноќ да влезе во нашиот дом и да нè изненади под елката.

За некого 2018 беше мајка, за некого маќеа, за некого добар, а за некого лош шеф, за некого идеален, а за некого погрешен партнер, за некого послушно, а за некого немирно дете.

Некој ќе сака да ја заборави годината што изминува, некој ќе сака пак да му се повтори, некој ќе ја памети по убаво, некој по лошо, некој изгуби драги луѓе, некој запозна добри луѓе, некој расчисти околу себе, некој расчисти во себе, некој ја наполни душата, некому му беше тешко во душата.

Некој ќе ги потисне лошите спомени и ќе мисли само на добрите, некој ќе се труди и нема да успее, ама надежта што ни ја дава новата 2019 е тука, околу нас, во нас, во европското семејство на богати и среќни луѓе, со високо морална и еколошка свест, кои разговараат, а не озборуваат, кои молчат и не се фалат, кои се образуваат и не мислат на скапи брендови, кои го чистат ѓубрето и мирисаат на парфем.

Со јазикот на Дедо Мраз, 2019 за некого ќе биде охохо, за некого ахаха, за некого аууу, за некого лелеее, за некого браво, за некого срам да му е, некој ќе дојде, некој ќе замине, некого ќе го сменат, некој ќе се откаже, некому ќе тече мед и млеко, некому не му гине затвор…

Патот до среќата и благосостојбата е долг, трнлив, непредвидлив, со по некоја дупка и вир, некогаш и судбината замешува прсти, а некогаш е и до семејството, амбицијата, вложувањата и државата.

Колку луѓе, толку желби, мали, големи, остварливи и неостварливи, дел од сон, дел од јаве, дел од наши филмови, дел зашто така се чувствуваме подобро, поубаво и помладо.

Кога нешто очекувате, може и да се разочарате. Кога не очекувате, а ќе добиете, радоста е голема.

Затоа, новата 2019 дочекајте ја со надеж, добри мисли и енергија, иако сте уморни по 364 дена работа, исполнета со проблеми, со канети или неканети гости, меѓу нив и Дедо Мраз. Може ќе ве изненади со убав подарок!