Груевски нема да зборува под прозорот на Заев
Во ВМРО-ДПМНЕ ги интензивираат подготовките за престојниот митинг пред седиштето на владата во Скопје. Под мотото „Македонија ќе победи“, се очекуваат десетици илјади граѓани од целата земја да искажат незадоволство од политиките на премиерот Зоран Заев и неговите соработници, нереализираните ветувања од изборната програма, неспроведените реформи, уништувањето на македонската економија и лицитацијата со националните интереси. Како што дознаваме, единствен говорник на митингот, закажан за идната сабота (2 јуни) во 20 часот, ќе биде актуелниот претседател Христијан Мицкоски. Неговиот претходник, Никола Груевски, кој во средата беше осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“, не е планиран за обраќање пред насобраните. По митингот, најавени се голем број теренски активности и средби со населението, со крајна цел организирање предвремени парламентрани избори и соборување на владата на Заев. (Г.А.)