Градски парк ќе добие нови 200 дрвца, а ќе се поднови и тревата стара 40 години
Повеќе од 200 дрвца, нова хидранстка мрежа и клупи и корпи ќе се постават во првиот дел од Градскиот парк. На терен веќе се вршат активностите за разубавување на тој дел од паркот. Притоа, ќе бидат реконструирани и тревните површини во близина на езерцето. Градоначалникот Петре Шилегов денеска беше на терен да направи увид во акцијата.
„Започнавме со реконструкција на зелените површини во стариот дел од Градскиот парк. Деновиве работиме на обновување на тревната површина во близина на езерцето кај стадионот каде што опфаќаме површина од 4.400 квадратни метри. По завршувањето на овој дел, продолжуваме со реконструкција на тревната површина наспроти фонтаната ‘Лотосов цвет‘, на влезот во Градскиот Парк, на површина од 1.900 квадрати. Во овие два дела од Градскиот парк тревата е со надмината физиолошка старост од повеќе од 40 години, поради што е неопходна реконструкција на овие тревни површини. На овие локации е предвидено да се засадат над 200 украсни грмушки и листопадни садници со кои ќе се надополни постојниот дрворед“ информираше Шилегов. Тој додаде дека дополнително, во овој дел од паркот ќе се постави нова хидрантска мрежа во должина од 700 метри, при што ќе бидат заменети расипаните прскалки и ќе бидат поставени нови, онаму каде што недостасуваат. Ќе бидат поставени и нови клупи и корпи за отпадоци, а ќе се реконструираат и патеките.
За реконструкцијата на двете парцели ќе бидат потрошени околу 4,5 милиони денари.
„Зазеленувањето останува на врвот на листата приоритети на Град Скопје. Ќе ја искористиме пролетта да го обновиме загубеното зеленило и да им обезбедиме на нашите сограѓани повеќе чисти зелени површини. Влогот во здрава животна средина е трајна придобивка која непосредно влијае на здравјето на сите сегашни и идни генерации“, нагласи Шилегов.