Горивата поевтинуваат за 1,5 денари по литар
Горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 1,5 денари по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со одлуката се врши намалување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,35, односно 2,27 отсто.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 72 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 74, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 63,5, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 52,5 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,749 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 33,785 денари за килограм.
Како причина за намалувањето на малопродажната цена на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 4,75 отсто пониската просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 0,899 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.