г.Стефан: Веруваме дека ќе ни се врати местото во сеправославното семејство


Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан и Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА во пасхалното послание по повод претстојниот празник Воскресение Христово – Велигден истакнуваат дека животот на сите вистински следбеници на Христа е исполнет со искушенија, со духовни падови и подеми – со крст, но и со воскресение.

– Нашиот народ и нашата Охридска и Македонска црква се сведоци за тоа низ сета своја историја. Сега, кога веќе ни е откриен вечниот живот, да не бидеме упорни во омразата и злото, туку да бидеме постојани во покајанието и простувањето, во воздржувањето и трпението. Да се трудиме да не бидеме повод за соблазна и да не биде хулено името Христово поради нашите дела и постапки. Да се молиме во мир, но и со мир да излегуваме во светот, зашто не би можеле вистински да се радуваме ако сè уште грешиме и ако не сме помирени со Бога, се наведува во посланието.

За жал, еве и по 60 години, се истакнува, црковно оправданата постапка на македонскиот православен народ е дочекана со неодобрување, преку селективното и пристрасно разбирање на каноните, кои се толкуваат и применуваат по нечија дневна потреба.

– Но, ние не губиме надеж и веруваме дека со помош на Семилостивиот ќе ни се врати местото во сеправославното семејство. Затоа, трпеливо молиме, бараме и чукаме на портите од срцата и совеста на нашите православни браќа. А што бараме? – Бараме да нè препознаат дека сме тоа што сме биле – чеда на своја вековна Црква, во која исповедаме и живееме „според верата на апостолите и на отците, верата православна – верата што ја утврди вселената“. Не бараме ништо повеќе од тоа што го имал, од тоа што го заслужува, и што му припаѓа на нашиот православен народ. Зашто, со нашата полна црковна самостојност, ќе се збогати и ќе се умножи Црквата Христова. Со тоа и православните браќа и Помесните цркви ќе ја избегнат можноста да паднат во негативните расположби и постапки на своето историско минато, стои во посланието.

Се нагласува дека со Божја помош, по молитвите на свети Климент Охридски – нашиот патрон, да продолжиме по патот на Господа, да ја чуваме чистотата на верата, единството во Црквата и меѓу нашиот народ, да ги чуваме и браниме духовните и националните вредности и посебности, знаејќи дека сегашново време не е ништо спрема славата што треба да ни се открие и дека ништо не може да нè оддели од љубовта кон Бога и од она што е наше – македонско.