Борис Џонсон поднесе оставка како шеф на дипломатијата


Борис Џонсон поднесе оставка на местото министер за надворешни работи на Велика Британија, со што стана трет министер во владата на Тереза Меј кој си заминува во последниве 24 часа.

Владата е длабоко поделена од компромисот што беше постигнат изминатиот викенд околу договорот за „Брегзит“ со ЕУ. Џонсон, кој беше еден од најогнените поддржувачи на излегувањето од ЕУ не сакаше да го промовира овој компромис.

Претходно оставка поднесе министерот за преговори со ЕУ, Дејвид Дејвис, и вториот човек во неговиот департмент, Стив Бејкер.

Овие оставки го зголемуваат притисокот врз Тереза Меј, а се зголемуваат и шансите да има и гласање за нејзина недоверба. Конзервативната партија на Меј има мнозинство во Парламентот само со поддршката на клучните гласови на 10-те пратеници од Демократската унионистичка партија на Северна Ирска, па секоја поделба покренува прашања за тоа дали нејзиниот план би можел да го преживее гласањето.