БДП со раст од 0,1 отсто во првиот квартал
Во првиот квартал од годинава БДП забележал раст од минимални 0,1 отсто објави Државниот завод за статистика.
Во првото тримесечје од 2018 година, најголем пораст е забележан во секторите уметност, забава и рекреација, други услужни дејности, дејности на домаќинствата како работодавачи, дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби од 12,1 отсто, трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли; Транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 10,5 отсто и стручни, научни и технички дејности; Административни и помошни услужни дејности од 8,5 отсто.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во првото тримесечје од 2018 година, номинално растел за четири отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 64,3 отсто.
Во истиот период градежниот сектор забележува пад од 37 %, а бруто инвестициите забележуват пат од 9%.
Во првото тримесечје од 2018 година, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 10,4 отсто, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 9,1 отсто.
Анѓушев: Очекуваме растот на БДП да биде во рамки на предвиденото
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев е оптимист дека до крајот на годината растот на БДП ќе биде во рамки на предвиденото.
– Сакам само да ги информирам сите граѓани на РМ дека ние внимателно го проанализиравме податокот на Државниот завод за статистика. Имаме раст во земјоделството, производството, односно индустријата, услужните дејности, трговијата и единствен пад има во нискоградбата. Раст има во градежните дејности во високоградбата, но нискоградбата има пад од 35 до 40 проценти и тоа е она што БДП го влече надолу. Намалување на активностита на компаниите Синохидро и Трансмет и неколку градежни компании што влегоа во пондерот за пресметка на БДП го прават ваквиот резултат, изјави Анѓушев, на конференцијата во Струга во врска со објавениот податок за раст на БДП во првиот квартал од 0,1 процент,
Тој посочи дека ќе почнат да се реализираат и проектите, односно изградбата на автопатот Кичево-Охрид.
Мицкоски: Македонија на дното во Европа по економскиот раст
Македонија е на дното во Европа по растот на БДП, оцени денеска во своето обраќање до јавноста лидерот на опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој рече дека Државниот завод за статистика повторно ја потврдил лошата економска политика на СДСМ.
„Според официјалните податоци, БДП во првиот квартал од 2018 година забележал раст од минимални 0,1 отсто. Убедливо сме на дното. Притоа, од приходна страна, пад од 37 отсто забележува градежниот сектор, што всушност и го отсликува неработењето на Владата на Република Македонија предводена од Зоран Заев. Немањето сопствени проекти и стопирањето на проектите од претходната влада негативно влијаат врз македонската градежна оператива и македонската економија во целост“, рече Мицкоски во своето обраќање.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ направи компаративна анализа со земјите од Европа.
„Растот во првиот квартал од 2018 година, на пример, во соседна Србија, е 46 пати поголем од тој за истиот период во Македонија, или соседна Србија порасна во првиот квартал со 4,6 отсто, а ние со скромни 0,1 отсто. Слична е ситуацијата и во Бугарија, таа има 35 пати поголем раст отколку што ние во првиот квартал од 2018 година. Хрватска 25 пати и рекордерот, можеме да го споменеме и податокот за Полска, каде што БДП во првиот квартал од 2018 година е 51 пат повеќе од тој во Република Македонија за истиот период во 2018 година“, рече Мицкоски.