Бад Спенсер доби споменик во Будимпешта


Актерот во шпагети вестерн филмовите, Бад Спенсер доби споменик не во родната Италија ниту во американскиот Див Запад туку во Унгарија, каде има култен статус.

Бронзената статуа висока два метра го прикажува Спенсер како каубоец со седло преку рамо. Споменикот, што се наоѓа во пешачката улица во Будимпешта, беше откриен во присуство на двете ќерки на актерот, кој е роден како Карло Педерсоли во 1929 година.

Споменикот е дело на Сандра Тасанади. Во Будимпешта има и парк со името на Спенсер.

Шпагети вестрен филмовите Спенсер ги снимаше со Теренсии Хил во доцните 60-ти и 70-ти години, а во Унгарија има голем круг на обожаватели.

– Големата популарност е во егзотиката на филмовите чија содржина според комунистичките цензори беше прифатлива. Тоа беше дел од Западот, слобода која не ни беше достапна, изјави еден од присутните на откривањето на споменикот на Спенсер.

Спенсер почина во јуни 2016 година, на 87 години. Тој во Унгарија беше познат уште додека беше пливач и ватерполист. На откривањето на споменикот присутен беше и еден од неговите пријатели, унгарскиот ватерполист Ѓерѓ Карпари (83), освојувач на олимписки медал.