Зошто Западот не му веруваше на Истокот за Путин?

Соседите на Русија имаат горчливо историско сеќавање за насилството на Москва и ги предупредуваат западните влади. Но, западњаците со години форсираа комерцијално и политичко смирување на Путин, предводено од поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, што сега спектакуларно им се врати со инвазијата на Украина


 

ВИЛНУС – Западноевропејците со години ги игнорираа  политичарите од Полска и од балтичките земји секогаш кога алармираа поради експанзионистичката закана што ја претставува рускиот претседател Владимир Путин. Сега тие сфаќаат дека требало да ги слушаат земјите со многу подлабоко познавање на Кремљ и со горчливо историско сеќавање на насилството што Москва е подготвена да го направи за да ги оствари своите цели.

Наместо тоа, со години  западњаците форсираа комерцијално и политичко смирување на Путин, предводено од поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, што сега спектакуларно им се врати со инвазијата на Украина, бомбардирањето на нејзините градови и масовната емиграција.

„Западноевропејците нѐ патронизираа во последните 30 години“, рече Радослав Сикорски, поранешен полски министер за надворешни работи. „Со години  нѐверуваа на нашиот став: „Ох, знаете, вие сте премногу нервозни, пречувствителни централноевропејци, имате предрасуди кон Русија“.

Источноевропјците велат дека удриле во ѕид  кога упатиле молби за зголемено распоредување на сили на НАТО, кога алармирале за сајбер нападите и кога го повикале Берлин да не дозволи ЕУ да биде заложник на огромните цевководи кои пумпаат гас директно во Германија. Отворениот, остроумен Сикорски, тогаш министер за одбрана, предизвика гнев во дипломатските кругови во 2006 година кога се осмели да го спореди проектот за гасоводот „Северен тек“ на Русија и Германија, кој ја заобиколи Полска, со пактот Молотов-Рибентроп од 1939 година, со кој беше поделена Полска меѓу нацистите и Советите.

Полските и балтичките лидери ја  гледаа руската инвазија на Крим во 2014 година како дефинирачки праг што сигнализираше дека Путин треба да биде запрен со вистинско покажување сила од Запад, или во спротивно ќе продолжи да напаѓа повеќе цели. Меѓутоа, на неплодните состаноци во Брисел, полските и балтичките дипломати открија дека поголемиот дел од Европската унија не сака да воведе тешки санкции кон Москва, и покрај нејзината инвазија на сојузник на ЕУ. Бесниот  анти-Путин камп го нарече противењето на санкциите предводено од Италија како групација „Club Med“.

Полска ја загуби својата независност во 18 век од коалицијата напаѓачи предводена од Русија, се бореше против Русија во две крвави и неуспешни востанија во 19 век и заработи неверојатна победа против комунистичките Совети во 1920 година. СССР се одмазди во 1939 година со  заземање на половина од Полска и изрекување крвава казна – егзекуција на 20.000 воени затвореници и депортација на стотици илјади цивили пред да се подложи на  четиридецениска комунистичка диктатура.

Балтичките земји уживаа две децении независност помеѓу војните пред да бидат анектирани од Советскиот Сојуз. Илјадници беа убиени, а многу други беа депортирани длабоко во СССР. Нивните земји беа колонизирани од руски доселеници, а тие едвај преживеаја да ја вратат својата независност по распадот на Советскиот Сојуз.

Најновиот циклус на руска агресија има почетоци во 2007 година. Таа година, Путин одржа говор на Минхенската безбедносна конференција што даде основа за многу од одлуките што следеа. Во говорот, тој ги критикуваше САД за создавање на униполарен свет „во кој има еден господар, еден суверен“, ја критикуваше експанзијата на НАТО кон исток и го оспори поредокот во Европа по Студената војна.

Сикорски, кој стана врвен полски дипломат истата година, почна да бара повеќе сили на НАТО во неговата земја. На крајот на краиштата, Германија имаше 35.000 американски војници стационирани таму, и се чинеше дека има смисла да се направат дополнителни напори за ребаланс на моќта наспроти кампањите за воена модернизација на Русија. Но, не сите во НАТО мислеа така во тоа време.

„Кога во многу наврати барав нашето членство во НАТО да се исполни со физичко присуство – и барав само две бригади, што ќе рече 10.000 американски војници – ова се сметаше за срамота. Особено Германија, но и други, кои за прв пат во историјата се најдоа опкружени со исклучиво пријателски држави. И, тие не ја почувствуваа нашата болка што сме гранична земја, што сме на работ на светот на демократијата, владеењето на правото и безбедноста“, рече Сикорски.

По времето на Сикорски во владата, пораките за Москва надвор од Варшава беа многу поматни откако националистичката партија Право и правда ја презеде власта во 2015 година. Полската влада ја трошеше својата енергија прикажувајќи ја Германија како непријател, вклучувајќи се во војна со ЕУ за владеење на правото, започнувајќи напади врз ЛГБТК+ луѓето и кокетирајчи  со десничарските сојузници на Путин, како Италијанецот Матео Салвини и Французинката Марин Ле Пен.

Естонците паметат уште една епизода во 2007 година. Во април, компјутерските сервери на балтичката земја беа погодени од огромен бран DDoS (дистрибуирано одбивање на услуга) напади на јавни и приватни веб-локации подеднакво, што во суштина ја затвори целата земја дигитално со недели. Речиси  милион  „зомби“   компјутери беа распоредени, според тогашниот министер за одбрана, набргу по планот за преместување на советскиот „Споменик на ослободителите на Естонија“ надвор од центарот на градот Талин. Додека руската влада постојано негираше вмешаност во сајбер нападите, Естонија не беше убедена. Но, она што беше уште пошокантно за официјалните лица во Талин уследи потоа, кога тие го претставија својот случај пред колегите од НАТО.

„Некои од нашите сојузници во НАТО во Европа ни рекоа: „Не знаете за што зборувате, само сте русофобични“ – и тоа од луѓе кои не би знаеле да разликуваат во тоа време компјутер. од тостер додека ние веќе бевме дел од дигитално најнапредната земја во Европа“, рече Томас Хендрик Илвес, кој беше естонски претседател во времето на сајбер нападите. Тој е роден во Шведска откако неговите родители избегале од советската окупација. На крајот, НАТО спроведе внатрешна проценка.

Од лингвистички и историски причини – како и од чист страв од опасноста преку границата – балтичките земји често имаат одлична разузнувачка  анализа на руската активност, но беа  целосно игнорирани. Рихард Колс, претседател на Комитетот за надворешни работи на латвискиот парламент, рече дека Рига била вклучена во предупредувањето на НАТО за руските амбиции пред нејзината инвазија на Грузија во 2008 година. Но, Колс рече дека редовно му било тешко да ги убеди своите колеги од Западот колку Путин може да биде опасен.

„Генерално, Балтикот ги предупредуваше нашите колеги од Запад да бидат внимателни и да не паѓаат во наивност врз основа на желби. Постојаната подготвеност за рестартирање на односите со Русија, без оглед на тоа какви се нејзините прекршувања, е она што не доведе до денес, за жал“, рече тој.

САД под администрацијата на Барак Обама, исто така се одлучија за „ресетирање“ со Русија во 2009 година. Познато е дека гестот започна со блескав почеток кога државната секретарка Хилари Клинтон му подари големо црвено копче на својот руски колега Сергеј Лавров, но на него беше испишан погрешен руски збор. Таа одлука Илвес ја нарече „катастрофална“.

Притоа, единствениот европски лидер кој секогаш го „изненадуваше“-  беше Меркел. Таа беше израсната зад Железната завеса, но се покажа загадочна за тоа дали навистина го сфатила ризикот. „Приватно“, рече Илвес, „се чинеше дека има малку илузии, но претпоставувам дека за јавноста мислеше дека нешто треба да го направи. Или ми кажуваше работи во кои не веруваше. Не знам. Не можам да кажам.”

Сега очите на сите се отворени за вистинската природа на Путин. Навистина беше потребна инвазија, брутална инвазија на Украина за да се натераат луѓето да размислат. Со оглед на нивното претходно однесување, по инвазијата на Крим и инвазијата на Грузија… ова, претпоставувам, беше толку претерано што дури и тие мораа да реагираат“, продолжи Илвес.

Во август 2014 година, неколку месеци откако Русија го анектираше Крим, министрите за надворешни работи на ЕУ имаа жестока дебата за тоа колку далеку да се оди со санкциите за  Кремљ. Балтикот, како и обично, застана на страната на Полјаците, Британците и Швеѓаните, барајќи построги санкции. Противничкиот табор дојде од колегите поранешни комунистички држави, Унгарија и Словачка – и двете управувани од про-Кремљ популисти.

„Политиката на санкции што ја води Западот… ни нанесува повеќе штета отколку на Русија“, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан. „Во политиката тоа се нарекува пукање во нога“.

Тогашниот министер за надворешни работи на Литванија, Линас Линкевичиус, одговори дека е подобро да си пукаш во нога отколку да дозволиш да те пукаат во глава. Пораката беше јасна: ако му се дозволи на Путин да се извлече со Крим, тој ќе продолжи со своите војни за проширување.

Во интервју во Вилнус, Линкевичиус изрази жалење поради недостатокот на акција од Западот во изминатите 15 години како одговор на експанзионизмот на Путин. Тој потсети на состанокот на Советот на НАТО-Русија во Романија во 2008 година, каде Путин веќе ја опишуваше Украина како „вештачка креација“. Терминот не остана незабележан. Андерс Фог Расмусен, тогашниот дански премиер пред да стане генерален секретар на НАТО, му одговори на Путин дека тоа не е начин да се зборува за партнери.

„Путин го мисли она што го кажува“, рече Линкевичиус. „И сега да се преправаме дека сме изненадени што нешто тргна наопаку, тоа е премногу“.

Кога трупите на Путин почнаа да се трупаат околу Украина пред еден месец, францускиот претседател Емануел Макрон беше еден од западноевропските лидери кои допатуваа во Москва за да се обидат да го одвратат  Путин од неизбежното.Линкевичиус не беше импресиониран.

„Ова е како психотерапија. Сите овие разговори досега беа илузија“.

Тој истакна дека Западот не сноси вина за она што денес се случува во Украина, бидејќи тоа е целосно дело на Русија. Сепак, рече тој, ако „оние кои  имале можност навреме да направат нешто, не направиле ништо, тие мора да ја споделат одговорноста“.

Војната што сега беснее во Украина, вели Илвес, треба да ја научи лекција Западна Европа: „Не водете политика за Русија без да се консултирате со луѓе кои знаат многу повеќе за Русија од вас. Не потпирајте се на луѓе кои биле обучени како дипломати, но немаат вистинско разбирање за моделите на руско однесување“. (Политико)