Зошто војуваат Ерменија и Азербејџан?


Азербејцански тенк погоден од ерменска артилерија

ЕРЕВАН – Во неделата започнаа борби меѓу Ерменија и Азербејџан околу спорниот сепаратистички регион Нагорно-Карабах. Ерменија соопшти дека жена и дете биле убиени во областа од гранатирањето на азербејџанските сили, а претседателот на Азербејџан рече дека неговата војска претрпела загуби.

Ерменија исто така тврди дека биле соборени два азербејџански хеликоптери и три азербејџански тенкови биле погодени од артилерија, но Министерството за одбрана на Азербејџан го отфрли ова тврдење.

Тешки борби избувнаа утрото во регионот што се наоѓа во рамките на Азербејџан, но е под контрола на етничките ерменски сили, поддржани од Ерменија, од 1994 година на крајот на сепаратистичката војна. Не беше веднаш јасно што ги предизвика борбите, најтешките по судирите во јули, кога загинаа 16 лица од обете страни.

Властите во Нагорно Карабах објавија дека гранатирањата го погодиле главниот град на регионот Степанакерт и градовите Мартакерт и Мартуни.

Ерменија во неделата прогласи воена состојба и ја мобилизира својата војска по судирите со Азербејџан. Никол Пашинијан, премиерот на Ерменија, напиша на Твитер: „Со одлука на Владата, во Република Ерменија се прогласува воена состојба и општа мобилизација. Јас го повикувам персоналот поврзан со трупите да се јави пред нивните окружни комесаријати. За татковината, за победата“.

Ерменија соопшти дека Азербејџан извршил воздушен и артилериски напад врз Нагорно Карабах. Министерот за надворешни работи Зохраб Мнацаканијан рече дека Азербејџан „започнал агресија … насочена кон цивилно население, гранатирајќи го градот Степанакерт и околните области“.

Портпарол на ерменското Министерство за одбрана рече дека „ерменската страна“ собори два хеликоптери и погоди три тенкови.

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, во телевизиско обраќање до нацијата рече дека „има загуби меѓу азербејџанските сили и цивилното население како резултат на ерменското бомбардирање“, но не даде повеќе детали. Тој исто така тврди дека „многу единици на воената опрема на непријателот се уништени“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров „спроведува интензивни контакти со цел да ги натера страните да престанат со огнот и да започнат преговори за стабилизирање на ситуацијата“, рече портпаролот на Министерството, Марија Захарова.

Веста беше остро примена во Турција, близок сојузник на Азербејџан. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на социјалните мрежи изјави дека Турција „стои покрај своите браќа Азербејџанци со сите свои средства“ и ја нарече Ерменија „најголемата закана за мирот и спокојството во регионот“.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на Твитер изјави дека извештаите за насилство „се од најголема загриженост. Воената акција мора да престане, итно, за да се спречи понатамошна ескалација. Итното враќање на преговорите, без предуслови, е единствениот начин напред.” Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, во изјавата рече дека блокот „повикува на итен прекин на непријателствата, деескалација и строго почитување на примирјето“.

Портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин се огласи и на Твитер за да ја осуди Ерменија. „Ерменија го прекрши примирјето напаѓајќи цивилни населби… меѓународната заедница мора веднаш да каже стоп за оваа опасна провокација“.

Претежно планински Нагорно-Карабах – регион околу 4.400 квадратни километри – се наоѓа на 50 километри од ерменската граница. Локалните војници поддржани од Ерменија окупираат и одредена територија на Азербејџан надвор од регионот.

Ерменија и Азербејџан долго време се судрија околу планинскиот регион Нагорно-Карабах, главно етничка ерменска територија која официјално е дел од Азербејџан. Двете земји водеа шестгодишна војна над регионот до прекин на огнот во 1994 година.

Во Ватикан, папата Франциско во неделата рече дека се моли за мир меѓу двете земји, повикувајќи ги да „постигнат конкретни дела на добра волја и братство“ за да се постигне мирно решение преку дијалог. (АП)