Зошто сѐ уште нема соопштение од средбата на Сиљановска со Фон дер Лајен?
Сиљановска пред средбата рече дека очекува „креативни предлози“ од лајен. Таа по разговорите пoрача дека „топката е во вашиот двор“ и дека треба да се направат уставните промени

Според најавите за агендата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за нејзината неколкучасовна посета на Скопје, таа требаше да се сретне со претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова. Веднаш по нејзините триесетминутни разговори со премиерот Христијан Мицкоски. А потоа да има средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Дали се остварила таа средба, дали не се остварила, што било кажано можело да се пренесе барем со езоповски јазик, засега нема информација за јавноста. Информација за таа средба нема ни на официјалната веб-страница на претседателката. Барем не до 21,30 часот.
Пред доаѓањето на Фон дер Лајен Сиљановска изјави дека очекува „креативни предлози и решенија по нејзината храбра изјава дека треба да се предизвика или да се урне штитот на консензусот во процесот на евроинтеграциите“.
Таа рече дека верува оти ќе се разговара за Реформската агенда и за Планот за раст, но и за можни креативни решенија и предлози за носењето одлуки во ЕУ при приемот на нови членки. „Ние сме подготвени за дијалог, сме имале неформални дијалози. Ние предложивме и ќе предложиме излезни решенија, а вие набрзо ќе ја дознаете содржината и суштината на дијалогот од денешната средба“, им рече Сиљановска Давкова на новинарите.
Можеби „кваката“ е во пораката на Фон дер Лајен по разговорите со премиерот Мицкоски:
„Следниот и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“. Додаде дека Македонија може да смета на ЕУ.
Потоа имаше и дополнувања на оваа објава, во која се споменува Планот за раст и за отворањето на фабрика за вештачка интелигенција во Скопје.
Ако се суди според реченицата „топката е во вашиот двор“ и да се направи „договорената уставна промена“, тогаш очигледно дека немало „креативни решенија“ што биле изнесени од Урсула фон дер Лајен, какви што ги очекуваше Гордана Сиљановска-Давкова.