Зоран Ристоски избран за директор на МРТ, јавниот сервис според Левица останува партиски плен


Фото: Б. Грданоски

Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија (МРТ) ја информираше јавноста дека Зоран Ристоски е избран за нов директор на јавниот сервис. Одлуката е донесена по спроведена постапка во која наводно  пресуден бил квалитетот на понудената програма за работа, иако во јавноста со месеци се вртеше информацијата дека токму тој ќе биде избран на оваа функција. 

Програмскиот совет појаснува дека за раководната позиција биле разгледани вкупно шест пристигнати кандидатури, а со цел да се обезбеди непристрасност, изборот се одвивал според специфичен принцип на анонимност.Сите програми за работа биле доставени под шифра, без членовите на Советот да имаат увид во идентитетот на кандидатите.Откако била утврдена најдобро оценетата програма, бил отворен ковертот за да се открие името на кандидатот зад неа.

 По откривањето на идентитетот на Ристоски, извршена е проверка дали тој ги исполнува законските услови и дали има комплетна документација. Од Советот нагласуваат дека изборниот процес бил целосно транспарентен и спроведен согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со почитување на сите институционални стандарди за да се добие легитимен избор.

По изборот на Ристоски, Програмскиот совет упати јасни очекувања до новоизбраниот директор да ја извршува одговорно и професионално, со фокус на три клучни приоритети: Зајакнување на улогата на МРТ како сервис од особен јавен интерес, суштинско унапредување на програмските содржини и подобрување на условите за работа на вработените во телевизијата.

На крајот од соопштението, Програмскиот совет најави дека и понатаму будно ќе ја следи работата на раководството и ќе дејствува во рамките на своите законски надлежности, сето тоа во интерес на јавноста и развојот на националниот јавен сервис.

Ристоски е долгогодишен сопственик на маркетинг агенцијата „Греј World Wide” која добива тендери од Државна лотарија. Левица предупреди неодамна дека изборот на Ристовски за директор на МРТ значи директно политичко влијание во јавниот сервис.

„МРТ е најголемиот плен на политичко-медиумската мафија” вели Амар Мециновиќ од Левица, додавајќи дека со години јавниот сервис има исто раководство „кое го има претворено во бунар без дно за приватни копродукции и приватни маркетинг агенции”, посочувајќи дека дури и метео-програмата е во приватна копродукција.

Според него 80 отсто од програмата е копродукција што значи дека „МРТ обезбедува камери, луѓе и сите други услови, а продуктот е во сопственост на приватни субјекти, на кои потоа им се плаќа за емитување” и додава дека токму заради овој конфликт на интерес, во статутот на Програмскиот совет, кој треба да го избере новиот директор, се вели дека тој не смее да биде сопственик на маркетинг агенција.

„Но, сега на овој конкурс имаме човек кој ќе биде избран за директор на МТВ, кој до 1 март бил сопственик на приватната маркетинг агенција „Греј World Wide”. Овој човек треба да ги однесе директно парите од копродукциите и од зделките во МТВ директно до Мицковски. Тој човек се вика Зоран Ристовски. Маркетинг агенцијата „Греј World Wide” со години добива тендери од озлогласената Државна лотарија за истата да се рекламира преку нив”, вели Мециновиќ.

Од Левица го отвараат и прашањето за начинот на рекламирање на Државна лотарија и прашуваат зошто таа би се рекламирала на небитни и непосетени сајтови. „Ако на пример посетиме еден небитен сајт за кој најверојатно немате чуено, попара точка мк, ќе видите дека на самиот хоумпејџ на сајтот има безброј банери и реклами за Државна лотарија. Зошто државна лотарија би се рекламирала на сајт на кој нема посетители? Одговорот веројатно лежи во поврзани фирми и интереси”, вели Мециновиќ, образложувајќи дека ако малку подлабоко се истражи ќе се дојде до заклучок дека овие сајтови се меѓусебно поврзани зашто на нивните страни или фигурира сопственик со исто презиме како Зоран Ристоски или имаат ист домејн кој го има тековната состојба на „Греј World Wide”.