ЗОО Скопје доби нова Стратегија, кубури со директори
Денеска беше презентирана Стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, документ што носи јасна визија за модерна, одговорна и хумана институција.
Деновиве Зоолошката градина во Скопје беше тема во медиумите, затоа што од новиот градоначалчник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски се очекуваше да постави нов директор, кој би ги средил работите во оваа градска институција, а тоа место го меркаше поранешниот советник и координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Стефан Ќирков.
Сепак, Ѓорѓиевски се одлучи за в.д. диоректорка да ја постави Катерина Костова која е вработена во Правниот сектор на Зоолошката.
Со Стратегијата, се очекува зоолошка градина да премине од место за забава, кон центар за едукација, заштита на природата и грижа за животните.
– Нашата цел е Зоолошката градина да стане училница на отворено, каде децата ќе заминуваат не само со спомени, туку и со знаење, свест и емпатија кон природата. Едукацијата е најсилната алатка за долгорочна заштита на биодиверзитетот. Клучен столб на стратегијата е трансформацијата на градината во функционално прифатилиште за заштитени и ранливи видови, со професионална ветеринарна грижа и безбедни услови. Скопје ја презема моралната обврска да биде дом за животните кои не можат сами да опстанат во дивината.
Стратегијата е целосно усогласена со строгите стандарди на EAZA, со јасна цел за полноправно членство – вели Ѓорѓиевски.
Тоа значи високи стандарди за благосостојба на животните, активна научна и конзервациска улога, како и највисоки норми за безбедност и одржливост.
Најави и дека е планирана е и целосна модернизација на Зоолошката градина, подобри услови за животните, посетителите и вработените, енергетски ефикасни решенија, зголемена безбедност, како и нови содржини, меѓу кои и центар за хипотерапија за децата со посебни потреби.
Се очекува, со овие чекори, Зоолошката градина во Скопје да прерасне во современа, едукативна и хумана институција, место каде науката и грижата за животот се среќаваат.
Тој повика сите институции, граѓанскиот сектор и бизнис заедница да се вклучат во реализација на ова визија.