Златна ера на еден популистички демагог
Доколку двоколосечната пруга кон Гевгелија се гради покрај Вардар тоа ќе значи дека ќе се запре развојот на Македонија затоа што реката ќе стане жртва на лошите планови
Министерството за транспорт и врски сака во долината на Вардар да гради двоколосечна брза пруга, каде веќе егзистира автопат, а тука треба да се гради и проектот „Вардарска Долина“ со 12 хидроелектрани.
Коридорот на проектот „Вардарска Долина“ е во колизија со старата железничка пруга, која тука егзистира веќе 150 години и е изградена во времето на Отоманската империја. Таа со мали корекции на трасата го кочи развојот на нашата држава, а тука пред сè мислам на хидроенергетиката, земјоделието со современо наводнување во Повардарието, а да не зборувам за максималното еколошко загадување на водотекот на Вардар.
Уште потрагично е тоа што ние веќе сме заобиколени од страна на нашиот јужен сосед Грција, која целиот транспорт од пристаништето во Пиреа и Солун го врши преку три гранични железнички премини преку Бугарија, Србија кон Европа. Значи профитот од транспортот на стока и патници е рамен на нула. Старата пруга пропаѓа, а долговите за одржување на МЖ-Железници постојано растат.
Владата не се откажува од природните бенефити од проектот „Вардарска Долина“, а мислам дека се свесни дека не може во еден тесен коридор да егзистираат старата пруга (сега два колосека на брза пруга), автопат и изградба на хидротехнички објекти во коритото на Вардар.
– Изјава на министерот Александар Николовски дадена на телевизија на 24 октомври 2024 година: „Мое лично мислење е дека брзината на движење ќе биде 200 км/час, трасата треба да оди по рамниот терен по полето по источниот дел на државата, ќе чини 2,3-2,5 милијадри евра со пет години градба“
– Подоцна министерот Николоски на Канал 5 во „Само интервју“ во 2025 година, иако претпоставувам дека ги познава условите за градба во FIDIK прописите, тој упорно тврди дека во долината на Вардар прокрај пругата ќе се најде место и за хидроелектраните. Значи го променил своето првобитно мислење од октомври 2024 година.
– Министерката Сања Божиновска ќе изјави во јуни 2025 година дека не се откажала од ништо што е бенефит за Македонија.
Значи, во однос на проектот „Вардарска Долина“ од Владата сметаат дека брзата пруга нема да има никакви закани за објектите од А-категорија (спрема FIDIK прописите), како што се браните и хидроцентралите. При проектирањето наводно ќе се води сметка тие да бидат избегнати и заштитени и нема да бидат загрозени, тврдат од Владата. Тоа значи едно огромно непочитување на FIDIK прописите од страна на министерот Николоски.
Филип Ивановски, градежен инженер кој во железници работел 36 години во областа на инфраструктурата, изјави: „Иако идејата за брза пруга датира од 2015 година, сè уште нема дефинирано траса на ниво на физибилити студија, која е најповолна траса во повеќе опции и колку е овој проект економски исплатлив. Не се воспоставени технички стандарди за проектирање на брза пруга, нешто што Србија го направи пред да почне да го реализира проектот за пругата Будимпешта – Белград“. Тој потенцира дека долината на Вардар е можна варијанта за изградба на брза пруга, но во исто време изградбата на брзата пруга го исклучува проектот за хидроцентрали по течението на Вардар. Двата проекта не можат да егзистираат истовремено.
Јас сметам дека сега треба да се вратам на моето искуство и работен стаж како хидроинженер кој 40 години работел на проектирање, изградба, надзор, стручни усовршувања како техничка помош во странство, на полето на хидротехничките објекти.
Во балканскиот регион и многу пошироко, хидроелектраните се сметаат како најкомплицирани објекти за реализација. Тука, покрај сите предизвици што ги носи тој објект, постои и една директна борба со реката гради в гради, една бескомпромисна борба со природата, со реката што предизвикот го прави уште поголем. Работите се комплицираат кога е реката во еден тесен кањонски дел, какви се клисурните делови на Вардар.
Во таков случај реката треба да се измести преку посебен опточен тунел, а неговата изведба бара големи и тешки минерски работи, а после тоа и самата изведба на бетонската брана со хидроцентрала бара посебна технологија на градба, со посебна механизација за градба. Со тоа сакам да истакнам на еден пластичен начин дека не е можно да постои и присуство на една брза двоколосечна пруга во истиот простор со хидротехничкиот објект.
Сакам да истакнам дека размислувањата на одговорните луѓе од Владата што сметаат дека брзата пруга нема да биде никаква закана за објектите од А-категорија како што се хидроелектраните, не држи!!
Значи не држи тврдењето дека при проектирањето ќе се води сметка, дека тие ќе бидат избегнати, заштитени и нема да бидат загрозени. Тоа не е можно. Тоа е утопија, тоа е илузија и тоа може да го тврди еден тотално нестручен човек. Тој никогаш не посетил градилиште на хидроцентрала во речен кањон, а уште помалку да учествува во градба! Затоа треба да се прочитаат FIDIK прописите каде многу јасно се дефинира кој има предимство во вакви услови.
Хронолошка анализа на објектите кои се изградени во долината на Вардар.
Прво е реализирана едноколосечната пруга пред 150 години од страна на Отоманската империја. Таа е градена на десниот брег на Вардар.
По Втората светска војна во времето на СФРЈ изработена е првата водостопанска основа на Македонија во 1954 година, каде се дефинираат два капитални објекти ХЕЦ „Градец“ и ХЕ „Велес“ кои не можат да се реализираат заради постоење на пругата.
Во периодот на шеесетите години, поточно 1960-1964 година изграден е автопат „Братство-Единство“ на левиот брег од реката, кој ги почитува котите на акумулациите за хидроелектраните.
Во 2000 година изработен и усвоен е интегралниот проект „Вардарска Долина“ кој предвидува изградба на 12 хидроелектрани. Меѓутоа тука и понатаму егзистира една тотално застарена пруга, која само тоне во долгови и секојдневни технички проблеми на трасата и косините на теренот.
Денес кога со новиот кредит од 6 милијади евра се најави изградба на нова брза двоколосечна пруга, Владата одново инсистира де се гради брзата пруга на старата траса по течението на Вардар. Се прашувам каде е рационалноста на МЖ – Железници, тоа значи дека тие уште живеат во еден стар лош филм кој трае од крајот на XIX век. Тие забораваат дека сега живееме во XXI век, а изградбата на акумулации и хидроелектрани е императив за нашата егзистенција, за нашиот развој.
Тоа значи, ако остане трасата на пругата на старото место, за вечни времиња ќе ја запечатиме судбината на Вардар и можност за било каков развој на централниот дел на нашата држава.
Новата брза пруга Коридор 10 треба да се измести од течението на Вардар. Во спротивно можеме да се откажеме од проектот „Вардарска Долина“ и сите бенефити кои тој ги носи со себе, со спомнување на уште еден факт дека до 2050 година врнежите на територијата на Вардарскиот слив ќе се намалат за 35 отсто, а потребите од вода ќе се зголемат за 50 проценти.
Затоа новата траса на пругата треба да се измести на источната траса на државата, односно Гевгелија, Валандово, Штип, Св. Николе, Куманово, Табановце. Значи Куманово ќе биде пресечна точка меѓу двата коридора Коридор 10 и Коридор 8 (Црно Море, Јонско Море).
Дванаесетте хидроелектрани планирани во оваа регија не се само инфраструктурни проекти – тие се стратешки столб на домашната економија, извор на чиста, зелена енергија и значителен потенцијал за раст и просперитет на Македонија.
Изградбата на хидроцентралите во „Вардарската долина“ ќе донесат многу економски придобивки. Тие ќе овозможат значително намалување на зависноста од фосилните горива, ќе ја зајакнат енергетската безбедност на земјата, акумулациите и системите за наводнување ќе го зголемат приносот во земјоделството, ќе се обезбеди стабилно управување со водните ресурси и заштита од поплави, а ќе се обезбеди и заштита на плодното земјиште преку намалување на ерозијата. Придобивките од обновливата енергија се инвестиција не само во денешницата, туку и во иднината на нашата зелена енергија.
Меѓутоа, потенцијалот на овој проект е загрозен од тековните планови за трасата на брзата пруга, која, ако се реализира по постоечкиот колосек, ќе ја исклучи можноста за развој на хидроенергетските капацитети во Вардарската долина. Ова не е само техничко прашање, туку морална и еколошка одговорност да не им го одземеме правото на идните генерации да ја користат енергијата и придобивките од акумулациите што Вардарската долина може да ги понуди.
(Јордан Ставров е дипломиран хидроинженер. Тој беше проект менаџер во периодот на реализацијата на физибилити студијата „Вардарска долина“.)