Златко Јовановски славен и во Дубаи, еве за кого дизајнираше тоалета со 1350 пердуви
Златко Јовановски со модни ателјеа во Скопје и во Тетово под брендот “ЈZJ by Zlatko Jovanovski”, ја продолжува гламурозната модна приказна и во Дубаи, во кој се мешаат моќта, убавината и луксузот. Препознатлив по драматичните тоалети и венчаници кои наликуваат на креациите на либанскиот дизајнер Зухаир Мурад, омилен на Холивуд, ја воодушеви ѕвездата на шоуто “Дубаи Блинг” што се емитува на Нетфликс, Фархана Боди .
-Во Дубаи имаше црвен килим и доделување награди за инфлуенсер на годината што помина. На тој настан се појави Ферхана во моја креација специјално направена за неа надополнета со високи ракавици. Ние добивме понуда од нејзиниот стилист, и нормално дека ја прифатив без многу размислување, ни изјави Јовановски.
Стилистот имал барање дека не смее креацијата да биде многу откриена, мора да биде долг фустан, и не треба да биде нуде (боја на тенот на кожа). Нешто за кој што тој инсистирал е да има пердуви токму од тој вид што се и користени.
-Јас направив пет дизајни, пет скици и они го одбраа токму овој. Мене ми беше замислен првично да биде лаванда виолетов, но Ферхана се реши за ројал-блу (кралско син), вели Златко.
Фустанот на Фaрхана е долг фустан со плус пола метро шлеп. На истиот се ставени рачно околу 1350 пердуви, еден по еден.
-Во горниот дел пак пердувите се дополнети со стакла и монистри. Ракавиците се тука да го направат цел аутфит погламурозен. Фaрхана го искомбинирала нашиот фустан со накит од светскиот бренд “Дамиани” со дијаманти и брилијанти. Ја сум голем фан на шоуто “Дубаи Блинг” ги следам и поради Дубаи, и поради модата што се презентира во самото шоу и нивните животи. Тоа се успешни млади луѓе кои што имаат направено милиони, и нивните “проблеми” се секогаш поинтересни од “проблемите” од моето секојдневие. Меѓу другото секоја епизода “вриска” од луксуз, и јас уживам гледајќи ги, ни кажа младиот и талентиран дизајнер.