Зимата ќе биде тешка, но како да се помине летото

Голем дел од антикризните мерки кои беа на сила престанаа да важат, нови не се донесоа, најавени се нови потаргетирани, но за тоа е потребно да се направи „ремонт“ на државната каса и да се обезбедат доволно пари за да се реализираат


Нѐ очекува тешка и неизвесна зима – е една од најчесто повторуваните реченици што може да се слушне изминатиот период од страна на политичарите, кои предупредуваат на економската криза која најмногу се гледа преку постојаниот раст на цените на храната и на енергенсите.

Зимата, бездруго, ќе биде тешка и неизвесна, но прашањето е како да се издржи до тогаш. Голем дел од антикризните мерки кои беа на сила престанаа да важат, нови не се донесоа, најавени се нови потаргетирани, но за тоа е потребно да се направи „ремонт“ на државната каса и да се обезбедат доволно пари за да се реализираат.

Што би се рекло, колку пари, толку музика.
Или, претстои жешко и тешко лето.

Информациите што доаѓаат од дома, но и од надвор, укажуваат дека работите не се ни малку розови. Напротив.

Завршувањето на поголем дел од антикризните мерки, кои беа донесени на почетокот на годинава со цел да се заузда порастот на цените, предизвика бран поскапувања и ценовни шокови. Горивата еднократно поскапеа од 8,5 до 9,5 денари за литар, а потоа уште неколку пати за по денар-два, нови цени добија и маслото за јадење, брашното, шеќерот, јајцата…
Вчера, Државниот завод за статистика, ги објави податоците за инфлацијата во мај која што се искачи на 11,9 отсто на годишно ниво, а само во мај во однос на април инфлацијата изнесуваше два отсто. И сето ова откако во април беше пробиена границата од десет отсто (годишната инфлација беше 10,5 отсто).

Проблемот е уште поизразен ако се знае дека во овој процент не е влезен ценовниот шок по завршување на антикризните мерки. Нивното влијание и ефекти допрва ќе се видат во статистичките податоци за тековниов месец. Граѓаните веќе ги чувствуваат на своја кожа кога ќе отидат да пазаруваат во маркетите.

Инаку, кај нас, како мерка за инфлацијата се користи индексот на трошоците за живот, според меѓународни стандарди за класификација при што производите и услугите се групирани во дванаесет основни групи, коишто опфаќаат повеќе видови производи и услуги.

Трендот на зголемување на инфлацијата е присутен неколку месеци наназад. Така, во февруари годинава во однос на февруари лани трошоците на живот беа повисоки за 7,6 проценти, а во март беа поголеми за 8,8 проценти во споредба со истиот месец лани.

Можеби Владата се надева дека летните месеци ќе донесат какво такво релаксирање, имајќи  предвид дека на зелените пазари овошјето и зеленчукот ги имаат најниските цени, но со притисокот што го вршат енергенсите, вештачките ѓубрива и другите трошоци кои влијаат на цената на производство, таквите очекувања лесно можат да се изјаловат.

Или, немаше друг избор, бидејќи како што во неврзан разговор вели еден министер „и Буџетот мора да се полни“. Очекувањата се големи, пред сѐ за зголемување на платите на администрацијата, односно на оние кои платите ги добиваат од државата. За да се покријат сите потреби, државата најави дека ќе биде потребно да се задолжи за фантастични над 900 милиони евра, па за таа цел тропна на вратата на Меѓународниот монетарен фонд. Засега, за таканаречен заем за претпазливост, а не за класичен аранжман.

Можеби и во оваа равенка се крие одговорот на прашањето зошто Владата се откажа од продолжување на дел од антикризните мерки. Некои угледни економисти посочуваат на таков „пријателски совет“ од страна на меѓународните финансиски институции во стилот „ако сакате помош, тогаш направете нешто и самите“.

Како мала и отворена економија македонската економија неминовно е подложна на случувањата во светот.

Најновите очекувања кои вчера ги презентира Светска банка се глобален раст од 2,9 отсто, што е за 1,2 процентни поени помалку во однос на прогнозите на почетокот на годинава, како и дека „многу земји веројатно ќе се соочат со рецесија“. Или, како што се посочува во најновиот извештај на Светската банка за глобалните економски перспективи, „глобалната економија сега влегува во она што може да стане пролонгиран период на слаб раст и зголемена инфлација“, односно период на стагфлација, што последен пат го имаше во седумдесеттите години на минатиот век. Очекувањата на првиот човек на банката, Дејвид Малпас се дека ваквиот послаб раст „веројатно ќе опстои во текот на деценијата поради слабите инвестиции во поголемиот дел од светот“, како и дека „постои ризик дека инфлацијата ќе остане повисока подолго време“.

Нобеловецот Пол Кругман, кој беше главен говорник на годинашниот Скопски економски и финансиски форум, смета дека инфлацијата сепак нема да трае предолго, што е „добра вест“. Според него, „нема знаци дека инфлацијата станува дел од главните економии, односно дека се вкоренува во глобалната економија, како што беше во осумдесеттите години од минатиот век кога сите очекуваа 10 отсто инфлација и ја пренесуваа во платите и цените“. Неговите очекувања се дека инфлацијата ќе биде присутна година-две.

Она што е за нас важно се неговите согледувања за промените во процесот на глобализација, која врвот го достигна во 2008 година, што значи уште многу пред пандемијата која ги истакна слабостите во синџирите на снабдување, кои дополнително се искомплицираа со инвазијата на Русија врз Украина. Накусо, Кругман смета дека може да дојде до одредено оддалечување од глобализацијата, но тоа не значи дека ќе има ограничувања за трговијата.

Производството во трудоинтензивните дејности и натаму ќе се одвива во места каде што платите се пониски, но сепак во поблиски земји кои се политички постабилни. Така, Кругман очекува САД да го насочи производството од Азија кон Мексико и кон Централна Америка, а истото очекува да го направи и ЕУ која се повеќе ќе се свртува кон земјите од Југоисточна Европа, што е шанса и за нашата земја.

Тука се наметнува прашањето дали Македонија ќе може да ја искористи таквата можност. Со постојната инфраструктура, но и со структурата на стопанството, тоа тешко ќе се реализира. Промените во овој дел не се прават преку ноќ, уште помалку во текот на една, па макар била и летна сезона. Згора на се ако се земат предвид кратењата кај капиталните инвестиции во Предлог-ребалансот на Буџетот, кои се влезени во собраниска процедура, и ставањето акцент врз личната потрошувачка, јасно е дека не треба да имаме големи очекувања од ваквите репозиционирања на глобалните синџири на снабдување.

Проблемите не се само кај инфраструктурата. Стопанствениците посочуваат на многубројни проблеми со кои тие се соочуваат и за кои очекуваат поголем ангажман од страна на надлежните во државата, а не само, како што вели првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески, „да го спасува граѓанството“. „Ако не се сфати дека е потребна и поддршка на компаниите, ние ќе имаме сериозни проблеми“, вели тој.

Од асоцијацијата на стопанствениците сметаат дека „ниту едно од отворените прашања кои ја создадоа кризата не е решено“, поради што мора да се користат сите механизми за справување со состојбите, а пред сѐ како особено проблематичен може да биде порастот на цената на струјата.

Од сево ова до сега кажано јасно е дека зимата ќе биде тешка, но и дека летово нема да биде лесно.