Зибери: Девојче од Шуто Оризари дури по 13 години е запишано во матичната книга на родени


По повеќе од 13 години девојче од скопско Шуто Оризари добива документи, односно доаѓа до Извод од матична книга на родени и со тоа станува видливо за институциите и непречено да ги остварува своите права и да се запише во училиште. Народниот правобранител Насер Зибери денеска на прес-конференција укажува дека ова не е изолиран случај и апелира до институциите да се анимираат и го решат проблемот за околу 400 „невидливи лица“ кои имаат побарано да добијат извод по законските измени во 2021 година.  

Иако за решавање на проблемот потребен бил само документ од болницата каде е родено детето, случајот се затвора откако се вклучува дневниот Центарот, невладините и Народниот правобранител. Интересно е, што и на самиот Омбудсман му барале повеќе документи и му требале околу два месеци да го решат овој случај. 

Раководителката на дневниот Центар во Шуто Оризари, појасни дека постапката почнува од 2023 година, кога до нив се обраќа мајката на девојчето. Проблемот, како што рече, е тоа што иако девојчето е родено на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, таткото не живее во државата, а мајката не успеала да направи упис во матична книга. 

Народниот правобранител Зибери информираше дека проблем со упис во евиденција на матични книги и добивање на извод имаат повеќе лица. На првиот повик од пријавени 700, анимирани и поттикнати се 400 да поднесат барање да се евидентираат. Од нив, 268 влегле во постапка, а 60 досега успеале да се стекнат со матичен број. 

– Проблемот е долгогодишен и направени се низа законски измени во 2021 година, со кои се создадоа услови за уписот да се врши по службена должност. Но, сепак работите во пракса се поинакви. Доказ дека не функционира најсоодветно е тоа што и во тековната година, иако има нецели два месеци, имаме претставки од оваа област. Еден од поистакнатите примери е каде и мајката и детето не се евидентирани и практично се невидливи за институциите, појасни Зибери. 

Зибери, посочи дека во препораките од годишниот извештај ќе се укаже дека Управата за водење на матични книги треба да биде поажурна.