Живко Мукаетов и Роберт Стевановски нови членови на Одборот на директори на „Македонија 2025“


„Македонија 2025“ соопшти дека го зголемува своето влијание со избор на нови членови на Одборот, кои ќе придонесат кон организацијата со своето знаење и искуство, и ќе ѝ помогнат во исполнување на својата мисија, односно поддршка на развојот на Македонија преку промовирање одржлив економски раст кој ќе ги подобри можностите за граѓаните, компаниите и странските инвеститори.

„Македонија 2025“ денеска објави именување на два нови членови на Oдборот на директори, со што бројот на членови се зголеми на дваесет.

Одборот на директори на „Македонија2025“ им посакува добредојде на: Живко Мукаетов, Извршен директор и Претседател на Управниот одбор во Алкалоид и на Роберт Стевановски, Претседавач на ACN Inc.

„Чест ни е да им посакаме добредојде на Роберт и Живко во Одборот во овој важен момент на развој во нашата организација. Овие докажани лидери ќе ги применат своите значајни гледишта, искуства и страст за земјата со цел подобрување на животите и зголемување на влијанието што го имаме во нашата заедница. Во име на целиот Одбор на директори, почестени сме да им посакаме добредојде на Роберт и Живко и знам дека сите ќе имаме корист од нивното разновидно лидерство и експертиза“, рече Мајкл Чкламовски, Претседавач на Одборот на директори на „Македонија2025“.

„Македонија 2025“ е непрофитна, неполитичка организација со примарен фокус на економски и лидерски развој, која соработува со бизнис секторот, владата и академијата, со цел генерирање можности и градење капацитети за економски раст, на тој начин помагајќи во градењето на посилна нација.