ЗХГ: Криминогените партии сакаат повторно да ги забранат независните кандидати!


Зелен хуман град реагира на преговорите околу измената на изборниот законик со кои и натаму се задржува спорното решение околу бројот на собрани потписи, а јавноста се замајува со споредни прашања. 

„Деновиве јавноста континуирано е бомбардирана со какафонија од информации поврзани со измените и донесувањето на новиот Изборен законик, но многу малку од тие информации се поврзани со фактот дека сите политички партии, на кои устата им пени за тоа колку ги поддржуваат независните кандидати, всушност повторно се здружени во легално ЗАБРАНУВАЊЕ на независните кандидати.

 Новиот Изборен законик наместо 1% потписи предвидува ДУРИ 0.8%, имено: „Кога подносител на листа на кандидати за членови на Совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, е потребно да се соберат најмалку 0,8 % потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, односно Градот Скопје.“, со што практично се оневозможуваат независните кандидатури во поголемите општини во Македонија.

 Иако е малку веројатно дека Изборниот закон (во ваква форма) ќе биде изгласан во Собранието, бидејќи моментално е блокиран од страна на СДСМ (бидејќи сакаат да имаат шанса да победат на претседателски избори) и Левица (бидејќи сакаат повеќе државни пари), евидентно е дека се здружени да ја доуништат демократијата во Македонија и целосно да ја претворат политичката сцена во партократија.

Дополнително загрижува и изненадува фактот што за евроамбасадорот Михалис Рокас промените во Изборниот закон се „добри“ и дека „партиите треба да постигнат консензус и да го изгласаат“ имајќи предвид дека во Грција, земјата од каде што потекнува, за независна кандидатура потребни се само 12 (со букви, дванаесет) потписа!

 Затоа вашата поддршка има круцијално значење, да ја дозавршиме процедурата со собирање потписи за формирање на партијата ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, не бидејќи сакаме да формираме партија, туку како гаранција дека би можеле во иднина да учествуваме во политичките процеси во Македонија без да зависиме од волјата и каприците на криминогените политички партии“, стои во реакцијата на Зелен Хуман Град.