ЗХГ ги отвора вратите за секој што сака да биде член на Совет на Град Скопје

Граѓанската коалиција ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД на претстојните локални избори повторно ќе настапи со своја листа на членови за Совет на Град Скопје. Листата и овојпат ќе ја предводат докажани активисти од областа на здрава животна средина/одржлив развој, социјална правда и заштита на животните. Ова се три од четирите столбови на коалицијата. Четвртиот е воведување директна демократија во управувањето со градот и за негово остварување си ни потребна/ен ти !
Нашиот иновативен механизам #МојКандидат е повторно активен. На нашата партиципативна платформа #МојГрад која ја застапува ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД – како и минатата, така и оваа изборна година – има опција за поднесување граѓански кандидатури за листата на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за локалните избори 2025.
Ако се согласуваш со генералните принципи на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД и се согласуваш да бидеш ангажиран во Советот на овој начин, те охрабруваме да аплицираш преку секцијата МојКандидат. Најгласаните пријавени ќе бидат повикани на интервју, со цел запознавање и конечно утврдување на соодветноста на кандидатите за нашата листа. Интервјуата ќе ги води комисија составена од членови на ЗХГ. Кандидатите кои ќе го поминат овој филтер ќе бидат распоредени заедно со активистите според рангирањето од гласањето, во сооднос 50:50. Крајниот рок за аплицирање е 26 јули во 23:59 ч., по што ќе почне гласањето.
Ја очекуваме твојата апликација за позелено, похумано и подемократско Скопје!
Ќе ја најдеш овде: https://docs.google.com/…/
Мерка за зрелоста и прогресивноста на едно општество е колку тоа овозможува механизми за граѓанска партиципација во политиката и колку граѓаните ги користат тие механизми. ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД е единствената група во Македонија која сите материјали за седници кои ги добиваат советниците на Град Скопје веднаш јавно ги објавува пред одржувањето на седницата заедно со опција за коментар/забелешка на секоја точка поединечно што е клучно за нас. Ние не информираме откако седницата ќе заврши. Ние делотворно и навремено те вклучуваме во процесот на одлучување за да го обликуваш Скопје заедно со нас преку политиките кои се гласаат во Советот.
Придружи ни се во борбата за здрава животна средина, заштита на животните, социјална правда. Заедно ќе се спротивставиме на сечата на дрвја во градот, неконтролираната бетонизација, погрешното управување со отпадот. Заедно ќе се избориме за позелено, похумано и поубаво Скопје!