Жената понајдена на Крк, изработувала накит за Брижит Бардо, Барбара Стрејсенд, Дајана Рос…
Даниела Адамцива, жената од градот Тренчина во Словачка, чиј идентитет девет дена не можеа да го утврдат хрватските полицајци, откако беше најдена на островот Крк, со повреди на лицето, има интересен живот.
Имено, ја викаат Данка, а таа е дизајнерка на накит, кој го носеле ѕвезди како Брижит Бардо, Барбара Стрејсенд и екипата од серијата „Пријатели“. Повеќе пати се селела по светот и многу патувала. Живеела во САД каде заминала на 19 години и била мажена за филмски придуцент. По разводот околу 2000-те години, се вратила во Словачка, за повторно да замине за САД.
На словачкиот портал My Trencin има интервју со Адамцова, објавено во 2008 година, Таму пишува дека е родена во Тренцин, каде живеела до 19 години, па заминала во Америка.
„Сакав да заминам за Австралија или Нов Зеланд, ја викав и сестра ми и пријателите да дојдат со мене, но никој не сакаше. На крај, сама отидов во Америка, во Лос Анџелес“, вели таа.
Не знаела добро англиски
Првите неколку месеци ѝ помагала иселеничката организација, и финансиски и за вработување. Учела јазик. Работела како бебиситерка и како чистачка.
По некое време нашла вистинска работа – почнала да работи за агенција за недвижности и изнајмила стан.
„Потоа одлучив да запишам студии за дизајн и сликарство и специјализирав за рачно изработен накит. Ја сменив работата – се вработив во златарница“, вели таа во интервјуто од 2008 година.
Како влегла во филмскиот свет?
Нејзин пријател бил музички продуцент и бил во контакт со луѓето од филмската индустрија, па ѝ помогнал во пласирањето на накитот. Преку него позајмувала накит на студијата кои снимале филмови.
Нејзиниот накит го носеле Дајана Рос, актерките од „Пријатели“, Брижит Бардо, Барбара Стрејсенд и ѕвездите од познатата ТВ серија „Мелроуз плејс“.

Во 2000 година се вратила во Словачка, но осум години подоцна во интервјуто вели дека не може да се навикне на животот во Словачка.
Враќањето во Словачка
„Сакав да се вратам заради семејството. Да поминам извесно време со нив, сакав да бидам со своите пријатели, да ја вратам блискоста со нив и со семејството кое го имам“, вели Адамцова.
„Од 19 години се потпирав сама на себе. Тоа ги зајакнува луѓето, но сепак убаво е да се има некој покрај себе. Убаво е да имаш семејство кое се грижи за тебе. Сфатив дека постојат и некои други животни радости освен талкањето по светот“, додава таа.

„Тоа е моја земја, јас сум од Словачка и секогаш ќе припаѓам таму. Но, во Америка се навикнав на друг систем на живот, на друг менталитет“, па заоа ѝ било тешко да се навикне дома.
„Можеби затоа што во Лос Анџелес секогаш е сончево. Кога ќе се разбудите и е сончево, секогаш сте добро расположени. Во Америка никогаш не ми беше досадно. Таму луѓето живеат во полна смисла на зборот. Дома само спијат“, раскажува таа.
Но, сепак останала во Словачка подолго од планираните три години. „Не можам да кажам дека не е добро, имам семејство и пријатели кои ги сакам, но овде имам некоја рутина. Ми недостигаат сонцето и морето, без море сум како птица без крилја“, вели Адамцова во 2008 година.
Откако со меѓународна соработка беше откриен нејзиниот идентитет истрагата во Хрватска сè уште трае. Се обидуваат да дознаат што ѝ се случило пред да биде најдена, со повреди по лицето на хрватскиот остров Крк, со ранец во кој имало и празен паричник.
Досега се знае дека во Хрватска била туристички.