Жена која тврдеше дека Бил Козби ја дрогирал и силувал во 1972 година доби оштета од судот од 59,3 милиони долари
Лос Анџелес – Судот во Калифорнија му наложи на некогаш познатиот американски глумец Бил Козби да плати 59, 3 милиони долари отштета за дрогирање и сексуален напад врз жена пред повеќе од пет десетлетија. Судот, прво на тужителката Дона Мотсингер ѝ додели 17,5 милиони долари за мината ментална болка и 1,75 милиони долари за идно страдање во нивната првична пресуда во понеделник наутро. Подоцна во текот на денот, тие додадоа уште 40 милиони долари казнена отштета откако утврдија дека Козби дејствувал со „злоба, угнетување или измама“.
Дона Мотсингер изјави дека Козби возел до нејзината куќа во 1972 година, за да ја одведе на неговата претстава; и во таа прилика, глумецот ѝ дал вино и апче (со „посебна намена“ за искористување вакви (не)прилики), коешто ѝ се измешало со „Аспирин“, по што жената (тогаш 30-годишна) се онесвестила. Во документот, се наведува дека жртвата „се разбудила дома, само во долна облека“ и така сфатила дека Бил Козби ја дрогирал и силувал.
Мотсингер претходно работела како келнерка во ресторанот „Тридент“ во гратче близу Сан Франциско – популарно место за дружење кај познатите личности, меѓу кои и Козби.
Козби, сега 88-годишен, ги отфрли тврдењата на Мотсингер, како и слични обвинувања во низа случаи и тужби поднесени од десетици жени.
Неговите адвокати тврдеа дека Мотсингер „отворено признава дека нема поим што се случило“, според наводите во судските документи. Џенифер Бонџин, адвокатката на Козби, изјави дека нејзиниот клиент ќе се жали на пресудата.
Козби беше ослободен од затвор во Пенсилванија во 2021 година, речиси три години откако отслужи дел од казната за сексуален напад, при што неговата пресуда беше поништена поради техничка грешка.
Бил Козби се здоби со слава во 1980-тите и 90-тите со телевизиската серија „Шоуто на Козби“, како и сценската комедија и други филмски и ТВ-улоги. Го изгуби својот углед откако повеќе десетици жени излегоа со обвинувања за силување, сексуално вознемирување и сексуално недолично однесување коишто започнале уште 1960-тите, иако некогашната афроамериканска ѕвезда тврдеше дека сите тие средби биле консензуални.