Жељасков прифати да биде мандатар на новата бугарска влада


 

Росен Желјасков, кандидатот за бугарски премиер на најголемата пратеничка група ГЕРБ, денеска прифати да формира влада, по предвремените избори во октомври.

Тој пред претседателот на Бугарија, Румен Радев, го претстави предлог составот на својот кабинет. Радев уште денеска ќе го достави до парламентот за изјаснување.

„Целта на нашите консултации беше да се постигне поширок консензус. Направивме големи напори, понекогаш работејќи до доцните часови, за да ги постигнеме потребните компромиси, договор што е апсолутно неопходен“, истакна Жељасков.

Предложени се тројца вицепремиери, Томислав Дончев од ГЕРБ, Атанас Зафиров од Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Гроздан Караџов од партијата Има таков народ, како и 19 министри.

Коалицијата ГЕРБ-СДС според овој предлог ќе има 11 министри, БСП – Обединета левичарска партија ќе има пет претставници во владата, а Има таков народ ќе има четворица.

ГЕРБ на изборите во октомври, седми во изминатите четири години, освои најмногу гласови околу 25 проценти.