Зголемено користење на новите дигитални решенија и во третиот квартал лани 


И во третиот квартал минатата година, платежните картички издадени од издавачи во земјата сѐ повеќе се користат од страна на граѓаните за плаќање во трговијата во земјата, што доведе до висок годишен раст кај вредноста и бројот на остварените трансакции од 16 отсто и 14,9 отсто, соодветно, соопшти Народна банка. Годишниот раст на бројот на плаќањата во трговијата, што произлегува пред сѐ од високиот годишен раст на бројот на плаќањата со платежни картички на виртуелните (интернет) места на продажба (40,8 отсто), продолжува и во третиот квартал од 2021 година и е повисок за 4,3 пати во споредба со годишниот раст во истиот квартал од 2020 година. Во однос на користењето на платежните картички на физичките места на продажба, во третиот квартал од 2021 година, беше остварен висок годишен раст од 12,8 отсто , којшто е повисок за 2,9 пати од годишниот раст остварен во истиот квартал од 2020 година.

Од аспект на плаќањата со кредитен трансфер, во третиот квартал од 2021 година, исто така е забележан висок раст кај плаќањата на граѓаните, при што годишниот раст кај вредноста на трансакциите изнесува 30,3 отсто, а кај бројот на извршените трансакции е 50,6 отсто.

Електронското банкарство и неговата употреба при иницирањето на кредитните трансфери и натаму бележи тренд на раст, што постоеше и пред пандемијата на ковид-19, но беше дополнително поттикнат со дигиталната трансформација за време на пандемијата. Така, и во третиот квартал од 2021 година, расте употребата на електронски иницираните кредитни трансфери за 22,2 отсто на годишна основа кај бројот, односно за 31,4 отсто кај вредноста на остварените трансакции, во споредба со истиот период од 2020 година, кога бележеа годишен раст од 35,9 отсто кај бројот, односно од 30,8 отсто кај вредноста на остварените трансакции, се вели во соопштението на Народна банка.