Зголемен бројот на смртни случаи од КОВИД-19 во Франција, првпат од укинување на изолацијата

За прв пат од укинувањето на мерките за изолација, забележавме зголемување на смртните случаи поради Ковид-19, со двојно зголемување на 265 смртни случаи, по 129 од претходната недела, подвлекува здравствената агенција во последното соопштение, јави дописникот на МИА.

– Ова се смртни случаи што се забележуваат и во болници и во институции за стари лица, појасни Софи Вокс, епидемиолог во Јавното здравство на Франција, за време на онлајн брифингот за печат.

– Ако младите возрасни (од 20 до 30 години) се моментално најпогодени од САРС-КoВ-2, вирусот напредува во последните неколку недели меѓу лицата на возраст од 75 и повеќе години, со стапка на нови случаи која порасна за 45 отсто минатата недела во оваа возрасна група, која најверојатно ќе развие најсериозни форми на болеста, предупредува здравствената агенција.

Кластерите што се случија во домовите за стари лица се исто така во пораст, со 68 групирани епидемии на зараза откриени во овие установи минатата недела, односно скоро двојно во споредба со претходната недела (37).

– Интензивирањето на ширењето на вирусот кај најстарите луѓе предизвикува страв од продолжување на хоспитализациите и смртните случаи во следните недели, подвлекува Јавното здравство на Франција. Агенцијата потсетува дека „сериозните форми што доведуваат до хоспитализации, приеми во службата за интензивна нега и смртта се случуваат со задоцнување од околу две недели по појавата на болеста“.

Индикаторите за епидемијата во болницата, кои започнаа повторно да растат последните два месеци, продолжија да се влошуваат минатата недела, со „зголемување бројот на итни случаи за сомневања за Ковид-19 (+ 50 отсто), нови хоспитализации (+ 45 отсто), како и приеми на интензивна нега (+ 48 отсто) “.