Како Украина го погоди Кримскиот мост, симболот на владеењето на Путин

Бидејќи сателитскиот систем на SpaceX почна да откажува, украинската војска изведе ненадеен напад користејќи сопстевн иновативен систем за да го онеспособи клучниот мост кон окупираниот Крим


Кримскиот мост пред и по украинскиот напад

 

Во понеделникот вечерта, во 22 часот, еден украински војник напиша порака на дрон-камиказа. На неа едноставно пишуваше: „Мостот е ебан“. Потоа додаде: „Ние ќе опстанеме, а Москва ќе падне“. Ноќта беше ледена, со ведро, ѕвездено небо без облаци. На масивните крила на дронот се беа формирале слоеви мраз. Наскоро, тој ќе полеташе со голема брзина кон својата цел – оддалечена околу 500 километри кон југ.

Вообичаено, војниците што се собираа на ова калливо поле во централна Украина, напаѓаа нафтени рафинерии длабоко во внатрешноста на Русија. Во последните месеци, таа задача стана речиси рутинска, бидејќи веќе имаа погодено голем број такви објекти. Сепак, целта таа вечер беше посебна. Стануваше збор за објект што е лично поврзан со Владимир Путин и неговите грандиозни империјални амбиции.

„Знаевме која е целта. Сите беа полни со ентузијазам и возбуда“, изјави за „Гардијан“ еден од учесниците во специјалната операција, кој го користи псевдонимот „Леон“. Неговиот 7. центар за напади на големи далечини е дел од единицата „Маѓарови птици“ – бригада именувана според кодното име на нејзиниот основач, Роберт Бровди, кој е на чело на украинските сили за беспилотни системи. „Веќе никој не се возбудува поради нафтени рафинерии“, вели Леон. „Ова беше нешто поинакво.“

Војниците се подготвија за лансирање, а потоа гледаа како дронот – кој наликуваше на двокрилен авион и беше натоварен со експлозив – исчезнува преку јужноукраинската степа.

Во текот на следните четири часа, стотици борбени дронови ја следеа истата линеарна патека, летајќи прво над копното, а потоа и над Црното Море. Во раните утрински часови, тие пристигнаа до својата цел: Керчкиот мост, кој го поврзува окупираниот Крим со Русија. Путин го отвори овој монументален патен и железнички премин во 2018 година, преминувајќи го зад воланот на камион „Камаз“. Тоа се случи четири години откако неговите војници без ознаки – познати како „мали зелени луѓе“ – го зазедоа полуостровот.

Руските пропагандисти го опишуваа мостот како неосвоив. Според нив, тоа беше градба исто толку цврста и непоколеблива како и „железниот“ лидер на нивната земја. За Украина, пак, тој претставуваше омразен симбол на руската ароганција и колонијално размислување. Освен тоа, како што истакнаа официјалните претставници, тој беше и нелегален. Киев се обиде да го крене во воздух двапати – еднаш во 2022 година со камион-бомба, а следната година со помош на поморски дрон.

Овој пат, внимателно разработениот план на украинската војска, кој се одвиваше во повеќе фази, функционираше беспрекорно. „Тоа беше добро координирана операција. Бранови од дронови полетаа од различни локации. Целта беше да се преоптовари добро организираниот систем за противвоздушна одбрана на Русија, а не самиот мост“, објасни Леон.

Како што и се очекуваше, првичниот напад ги ангажираше руските одбранбени капацитети во тој регион. Според извори запознаени со ситуацијата, Украина потоа испратила втор бран дронови. Нивната улога била клучна и поинаква: да служат како систем за пренос на радиосигнали. Претходно, украинските единици го користеа „Старшилд“ – воената верзија на „Старлинк“ – за напади на средно растојание врз окупираните територии. Оваа сателитска интернет-мрежа е во сопственост на компанијата „СпејсИкс“ на Илон Маск, а под надзор на Пентагон и администрацијата на Трамп.

Сепак, пред десет дена, врз украинските дронови мистериозно беа воведени ограничувања, поради што тие повеќе не можеа да летаат со брзина поголема од 161 км/ч. Од „СпејсИкс“тврдат дека нема никакво забавување – тврдење кое украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарекува невистинито. Според сè судејќи, во понеделникот вечерта, Киев успеал да ги заобиколи американските ограничувања преку воспоставување сопствена, исклучителна и иновативна врска за пренос на видео и радиосигнали во реално време.

Сателитска снимка на Кримскиот мост. Левиот дел е за железничката пруга. Тој не е урнат

Откако релејот беше поставен, можеше да започне третиот бран напади. Овој пат во него беа вклучени „Фламинго“ – моќни крстосувачки ракети од украинско производство, способни да носат 1.000 кг експлозив, што е доволно за сериозно оштетување на мостот. Неодреден број ракети – според некои извештаи, најмалку четири – беа лансирани од јужна Украина кон Крим.

На снимката од една од ракетите „Фламинго“ се гледа како таа незапирливо се приближува кон целта. Камерата на ракетата прикажува собласна ноќна сцена. Мостот се појавува во видното поле, на сивкаста, монохроматска позадина. Одеднаш изникнува огромен челичен лак. Снимката прекинува. Други снимки го прикажуваат моментот на ударот: портокалова огнена топка што ја пробива околната темнина.

Фотографиите направени во вторникот наутро, по нападот, прикажуваат сцена на пустош среде водата. Во текот на ноќта, еден масивен лак се урнал во Керченскиот теснец, заедно со голем бетонски дел од коловозот на мостот. Во блиска иднина, никој нема да може да помине преку мостот. Оштетен е и соседниот лачен распон на железничкиот дел од мостот. „Бевме пресреќни, цела ноќ си разменувавме пораки“, рече Леон.

Извор од вооружените сили на Украина изјави дека тајмингот на операцијата – која Зеленски ја нарече „без преседан“ – бил намерно одбран. Таа беше спроведена пред средбата закажана за четврток меѓу Ши Џинпинг, Доналд Трамп и Путин во кинескиот град Шенжен, на маргините на самитот на АПЕК. „Мостот е симбол на владеењето на Путин. Неговото уништување им испраќа порака на другите двајца големи лидери дека Путин не е толку силен како што се претставува“, рече овој извор.

Тој додаде: „Свесни сме дека она што го направивме му покажува на светот оти ’царот е гол‘. Путин е слаб и ранлив, а ние токму тоа го докажавме. Операцијата беше намерно осмислена за овој конкретен историски момент. Планот на Путин беше на самитот да блефира за тоа колку е моќен. Всушност, тој не може да ги заштити ниту најважните и најсимболичните столбови на својот режим“.

Покрај политичкиот срам за Путин пред неговите колеги, онеспособувањето на Керченскиот мост има и практични последици. Од анексијата на Крим, Русија го милитаризираше полуостровот, претворајќи го, всушност, во огромна и утврдена воена база. Од 2022 година, тој се користи како појдовна точка за напади со беспилотни летала и ракети врз пристаништето во Одеса и други украински градови во регионот.

Руските окупаторски сили на југот се потпираа на овој мост за редовно снабдување со муниција, опрема и гориво. Со оглед на тоа што преминот е делумно затворен – иако се известува дека железничкиот сообраќај е повторно пуштен во вторникот – Русија ќе мора да користи копнен коридор кој е изложен на напади, а кој ја поврзува нејзината Ростовска област со деловите од украинските региони Запорожје и Херсон што се под контрола на Москва.

„Ја нарушивме нивната логистика кон Крим. За руската армија на југ ќе има многу проблеми“, предвиде Леон. Остатоци од нападот врз мостот го попречуваат тесниот пловен коридор низ Керченскиот теснец, кој ги поврзува Азовското и Црното Море. Азовското Море сега наликува на езеро. Патничките фериботи не можат да пловат, а окупираните пристаништа Мариупол и Бердјанск се отсечени.

Војниците се вратија од мисијата исполнети со радост и воодушевување. Во својот штаб, како и обично, одржаа минута молчење во спомен на загинатите во крвавата војна што ја води Русија. „Го извршивме нашиот вообичаен дневен ритуал. Потоа следуваа честитки за многу успешната и важна операција“, рече Леон. Потоа додаде: „Им враќаме за сè“. (Гардијан)