Илјадници демонстранти против кршењето на владеењето на правото во Словачка


Илјадници луѓе протестираа во Братислава вечерва против кршењето на владеењето на правото и против врските на владата на словачкиот премиер Роберт Фиц со Кремљ, објавија француските медиуми.

Минингот, организиран од главната опозициска партија Прогресивна Словачка (ПС), се одржа по повод годишнината од Кадифената револуција од 1989 година, со која беше соборен комунизмот во тогашна Чехословачка. Чешка и Словачка потоа мирно се разделија во 1993 година.

Прогресивна Словачка објави дека околу 25.000 луѓе учествувале на денешниот протест.

„Постои одредена група политичари кои сакаат да ја ограничат слободата и да всадат страв кај луѓето“, рече 22-годишниот студент по медицина Јулиус Тобијас Колесар.

Со тоа, тој алудираше на потезите на владата за зајакнување на контролата врз медиумите и културата и ограничување на правата на ЛГБТ+ луѓето во Словачка, земја со 5,4 милиони жители.

Демонстрантите, исто така, ги осудија обидите на Роберт Фицо да ги зајакне врските со Кремљ и покрај руската инвазија на Украина, а особено ја критикуваа октомвриската посета на министерот за надворешни работи Јурај Бланар на Москва, каде што учествуваше на состанок на руско-словачката меѓувладина комисија.

„Зачудувачки е. Фактот што тие преговараат со нив (Русите) е предавство на народот“, рече Игор Вицо, пензиониран лекар кој вели дека сè уште работи на 74-годишна возраст. „Нека си ги спакуваат работите и нека си одат!“, изјави тој.

Владејачката коалиција предводена од Роберт Фицо, кој се врати на власт во 2023 година по три претходни мандати како премиер, неодамна го загуби апсолутното мнозинство во парламентот откако неколку пратеници ги напуштија нејзините редови.

Центристичката опозиција бара предвремени избори, но нема потребни 90 гласови во парламентот за да ги свика.

Словачкиот премиер, кој се противи на воена помош за Украина, се соочува со бројни протести во последните три години и постојано влегува во конфликти со Европската Унија.

Минатата година, словачкиот парламент го измени Уставот за да вклучи одредба според која националното право има предност пред правото на Европската унија, додаваат француските медиуми.