Зголемен бројот на хоспитализирани и починати од Ковид-19 во Грција
Атина – За една седмица, 788 лица биле хоспитализирани со Ковид-19 во Грција, а од вирусот починале 35 лица, според неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.
И оваа седмица, исто како и претходната, има тренд на зголемување на заразените, хоспитализираните и починатите, согласно официјалните податоци за периодот од 15 до 21 јули годинава.
Според ЕОДИ позитивноста кај сите тестирани примероци бележи зголемување споредбено со една седмица претходно.
Во однос на хоспитализираните 788 лица, исто така има зголемување, со оглед на тоа што просекот во претходните четири седмици беше 551 пациент, додека, пак, на апарати биле приклучени шест лица.
За една седмица од Ковид-19 починале 35 лица, додека просечниот неделен број на смртни случаи во претходните четири седмици бил 23.
Од Националната организација за јавно здравје на Грција на ранливите групи на населението им препорачуваат да ги следат превентивните мерки против респираторни инфекции и навремено да побараат лекарска помош при појава на симптоми, додека на општата популација ѝ препорачуваат при присуство на симптоми на респираторна инфекција да ги ограничи контактите со лицата кои припаѓаат на ранливите категории.