Земјоделството трпи штети од временските промени


 Екстремните временски услови годинава со долги дождливи периоди и екстремни жештини, влијаат на целокупното земјоделско производство. Не многу на количествата, колку на квалитетот на производството и ако продолжат промените и наредните години, ќе се намали производството на храна. Ова го забележуваат и производителите и агрономите.

Зијафет Асаноски, производител од село Црнилиште, Долнени смета дека количествата не се во прашање, туку квалитетот на произведеното.

– Имам 20 декари или 2 хектари со пченица. Квалитетот е прилично слаб, зашто времето беше дождливо, па потоа жешко. Има недостиг од нешто за родот, ама не знаеме што. Количински добро, ама квалитетот е слаб. И не е само со пченицата. Влијае и на јачменот, на пченката, на тутунот, на сите култури. Ако продолжи вака со времето, тоа секако ќе влијае на производството. Освен тоа цената на пченицата е ниска. Цената се движи 9, 10, 11 денари. Климатските промени влијаат на сите култури, не само на пченицата, објаснува Асаноски.

Горан Томески агроном, советник во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството вели дека поради дождовите, доцнеа пролетните работи, беше опасност. Во моментов нема голем проблем со приносите на пченицата кои се движат од 3 000 до 4000 или 4 5000 килограми од хектар, што дава гаранција дека има добро производство. Голем проблем е ниската цена на пченицата што за производителите делува дестимулациски.

– Покрај сите овие мерки што ги имаме и како Агенција и како Министерство за земјоделство, сметам дека оваа откупна цена е многу ниска, што е лош сигнал за наредниот период зашто планираме, вообичаено, дека и треба да се заработи. Има помош од 3 денари од Министерството кое колку толку треба да даде стимул, но ваквата ситуација не е во прилог на натамошно производство.

Климатските промени, миграциите, односно слабиот интерес за земјоделството, особено кај новите генерации влијаат на производството на храна. За да бидеме конкурентни, мора да се окрупнува производството.

– Генерално се намалува интересот за инвестиции во земјоделството, односно, помладите луѓе да се занимаваат со земјоделско производство. Сметајќи го тука и образовниот процес. Миграцијата си го направи своето. Земјоделството е, сепак, професија која сака многу личен ангажман, голем труд. За производството на храна, очигледно, ќе треба фокусот да се стави на поголеми земјоделци, правни субјекти кои за обработка ќе имаат поголеми површини и нивниот интерес би бил со поголеми површини до поголемо производство, односно да се инвестира во тој дел, и цената на чинење на сета механизација во тој случај ќе биде економски пооправдана и цената на чинење на производот ќе биде пониска. Така би можеле да бидат конкурентни, зашто, генерално, на пазарите околу нашето опкружување, цените се приближно на исто ниво. Ние мора да се приспособиме, зашто конкуренцијата си го прави своето, вели агрономот Горан Томески.