Зеленски сака разговор само со Путин, без посредници


Володимир Зеленски

 Украина ќе се бори сè дури не ја врати целата своја територија, истакна денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски на украински јазик, на настанот на Фондацијата „Виктор Пинчук“ во Давос.

Тој тврди оти е подготвен за разговори, доколку Русија се повлече во областите, каде што беше пред да почне војната во февруари. Но, тој ќе разговара само со рускиот претседател Владимир Путин.

– Може да разговарам само со претседателот директно, без посредници, нагласи Зеленски.

Според него, Русија не преговара сериозно.

Украинскиот претседател беше дигитално поврзан во дискусијата на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Швајцарија. 

Во исто време шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, повика на целосно суспендирање на трговските релации на западните земји со Русија.

„Светот треба да престане да купува руски стоки и услуги и да тргува со Русија, бидејќи секој долар и евро што Русија ги остварува од тие зделки се вложува во одржување на режимот на Путин и на руската воена машинерија“ изјави Кулеба на денешниот панел организиран од Фондацијата „Виктор Пинчук“ на маргините на Светскиот економски форум во Давос.

„Концептот на санкции против Русија треба да се заснова врз мошне едноставен принцип: Елиминирајте го рускиот извоз… Тие треба да бидат отсечени од можностите да заработуваат на глобалната сцена,” истакна тој.

За војната Кулеба изјави дека целта е мошне едноставна и јасна – „Украина мора да победи. Точка“, рече тој.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола критикуваше некои држави дека сè уште користат дупки во санкциите кон Русија.

„Тоа не треба да се дозволи“, рече таа заложувајќи се за тоа Украина да се смета како кандидат за членство во ЕУ.