Зеленски и Ердоган разговараа за евакуација од Мариупол
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека разговарал со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за евакуација на цивили од Мариупол.
Зеленски на Твитер напиша дека во разговор со Ердоган ја истакнал потребата од итна евакуација на цивилите од Мариупол, вклучително и оние кои се кријат во фабриката за челик Азовстал.
Тој напомена дека разговарал со Ердоган пред неговиот планиран разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
Украина ја повика Русија да дозволи евакуација на цивилите скриени во фабриката за челик Азовстал, каде се наоѓаат и преостанатите украински војници кои им даваат отпор на руските сили.
Зеленски рече дека тој и Ердоган разговарале и за текот на преговорите и можните безбедносни гаранции за Украина од Турција и други земји.
Кабинетот на Ердоган соопшти дека тој му рекол на Зеленски дека Турција е подготвена да посредува и да помогне во преговорите меѓу Украина и Русија.
Украина предложи специјални преговори со Русија со цел да се најде решение за евакуација на заглавените украински борци и цивили од Мариупол.Советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак преку Твитер предложи преговори настрана од мировните. Двете земји одржаа неколку рунди разговори од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, но без голем напредок и со меѓусебни обвинувања за нивниот неуспех.
Неговиот предлог доаѓа во време кога украинскиот претседател Володимир Зеленски го чека пристигнувањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин, со кои ќе разговара за натамошната воена помош од САД.
Мариупол е еден од најпогодените градови од рускиот напад бидејќи на Москва и е потребна контрола над него заради копнениот премин од Донбас, кој делумно е под контрола на руските сили, до Крим, кој го анектираше во 2014 година.
Поголемиот дел од градот е уништен, а Киев и неговите западни сојузници стравуваат од масовни убиства на оние кои не побегнале. Во фабриката за челик Азовстал сè уште има околу 2.500 украински и странски војници, но нивните резерви се при крај. Тврдат дека со нив се околу илјада цивили.