Зелен хуман град: Сиљановска стави потпис за неповратно уништување на земјоделското земјиште


И покрај јавните апели и покрај силните реакции од јавноста, вклучително и од земјоделците, претседателката Гордана Сиљановска-Давковоа ги потпиша измени на Законот за урбанистичко планирање, реагираат од Зелен хуман град (ЗХГ).

Според еко-активистите, нејзиниот потпис произведе неповратно уништување на плодно земјоделско земјиште заради изградба на фотонапонски централи и ветерници. Исто така, со потписот се одобруваваат урбанистички проекти за централи и ветерници, додека за градбите од државно и локално значење ќе има смешни 15 дена за забелешки од јавноста кои, велат тие, нема задолжително да влијаат врз спроведувањето на урбанистичкиот проект – а и прашање е во кој скриен агол од службените веб-страници ќе се објавуваат информациите.

„Сумирано, Сиљановска со својот потпис овозможи своеволност во работењето на министерот за транспорт и на градоначалниците со што го попречи правото на пристап до правда за прашања што силно влијаат врз животите на жителите на Македонија“, стои во реакцијата на ЗХГ.

Тие потсетуваат на неодашната изјава на Сиљановска: „И како човек и како претседателка верувам дека вреди да се бориме за правото, правдата и моралот. Да изградиме општество во кое секој ќе има шанса за пристоен и достоинствен живот, ранливите – поддршка, а младите – инспирација, мотив и иднина. Имаме насушна потреба од еколошка правда и договор со природата, но не како наметната обврска, туку како предуслов за извесна иднина“.

Оттука, потенцираат дека Сиљановска своевремено како пратеничка беше дел и од т.н. Зелена парламентарна група, но, како што велат, од делата од позиција на моќ за одлучување се гледа вистинската посветеност на еден систем на вредности и искреноста во борбата за подобро утре за сите нас.

„Уништувањето на македонското земјоделско земјиште како ресурс за сметка на создавање енергетски монополи е еден од најнепатриотските чинови што една власт може да му го приреди на својот народ!“, се вели во реакцијата.

Апелираат до сите локални активистички групи каде што има рурални делови да се самоорганизираат будно да ја следат работата на локалните самоуправи, но и на Министерството за транспорт и врски.

„Оваа година се локалните избори – самоорганизирајте се и за почеток кандидирајте се во локалните совети! Граѓаните мора да ги преземат работите во свои раце, во спротивно ниту ние ниту нашите деца ќе имаме иднина во Македонија!“, велат од Зелен хуман град.

  •