Здружение на судиите на Македонија го честита изборот на новите судии


Здружение на судиите на Република Северна Македонија го честита изборот на новите судии, на вчерашната седница на Судскиот совет на РСМ, а кои ќе постапуваат во повеќе Основни судови во земјата.

Во секое демократско општество судиите се „чувари“ на Уставно загарантираните права и слободи на граѓаните и гарант на правната сигурност во една земја. Заради тоа Здружението ги охрабрува ново избраните судии да постапуваат независно, совесно и непристрасно, водејќи се од принципите на владеењето на правото и правичноста. Само со беспрекорна професионалност и чесност ќе ја заслужите довербата на граѓаните и ќе придонесете за унапредување на правосудниот систем.

Вашата професионална патека отсега носи голема одговорност, бидејќи Вие сте иднината на третата власт и само со личниот и професионален интегритет, имуни на сите општествени влијанија, транспарентни и видливи пред јавноста, можете да допринесете во зајакнувањето на довербата во правниот систем и зајакнувањето на демократските принципи.

Нека Вашиот судиски мандат биде воден од мудроста, правичноста и цврстата посветеност на Законот.Воедно како Здружение го честитаме и потегот на членовите на Судскиот совет на РСМ, кои и покрај сите политички случувања, беа доследни и професионални во нивната работа и со изборот на нови судии го намалија недостигот на судии во системот кој во последните години макотрпно се справува со приливот на предмети и недостигот на стручен и професионален кадар. Со тоа дадоа и свој допринос во исполнување на роковите дадени од Европската комисија за унапредување на Судскиот систем, од кои реформи зависи и финансиската поддршка од ЕУ во износ од околу 800 милиони евра за земјата.

Здружението на судии на РСМ, упатува апел до ново избраните, но и до сите актуелни судии, дека само обединети, професионални и независни можеме да ги оствариме целите на дадената судиска заклетва, а тоа е да ги штитиме правата и слободите на граѓаните во чие име постапуваме и носиме пресуди. Заради тоа Здружението ги повикува ново избраните судии, да се приклучат на нашата организација и со нови идеи и препораки да допринесат во унапредување на соработката со Извршната и Законодавната власт, Меѓународните организации во земјата, невладиниот сектор, медиумите и академската заедница како клучни фактори во градење на јавното мислење и довербата на граѓаните во системот.