Здравствените услуги ќе поскапат за 50 отсто и повеќе, за Клековски тоа е симболично
Општ ургентен пакет од 780 се поскапува дури на 2.450 денари
Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, најави дека од 1 јануари ќе има „симболично зголемување“ на партиципацијата за здравствени услуги. За услуга за која сега се наплаќа 40 денари, како што рече Клековски, отсега ќе се наплаќа 60 денари, што значи дека „симболичното зголемување“ е дури 50 отсто. Меѓудругото, специјалистички преглед со земање на брис, досега установата ја чинел 400 денари, а сега ќе чини 750 денари, општ ургентен пакет од 780 се поскапува на 2.450 денари, а ехо на еден орган од 300, поскапува на 670 денари.
Директорот на ФЗО вели дека по повеќе од 10-годишно одложување донесена е одлука за зголемување на цените на основниот специјалистички пакет и за интернистичкиот пакет.
„Специјалистичкиот преглед, според ценовникот на Фондот, досега беше 380 денари и е децениска цена. Сега зголемувањето е на 720 денари. Нето-ефектот на оваа одлука за здравствените установи ќе биде околу милијарда денари на годишно ниво, 80 отсто во јавниот и 20 отсто во приватниот сектор, бидејќи имаме јавен и приватен специјалистички сектор. Интернистичкиот пакет е со помал ефект, ќе биде плус околу 340 милиони денари“,вели Клековски.
Според него, тоа нема да бидат нови пари кои ќе ги добијат здравствените установи, туку само ќе се промени процентот на реализација. Они фактурираат услуги кон нас, најголем дел од нив се под 80 отсто оправдување на буџетот со завршена сметка. Поплаката беше дека не можат да го исполнат буџетот затоа што се премногу евтини услугите. Сега ги зголемуваме цените и така даваме можност да се валоризира работата“, рече Клековски.
Откако премиерот одржа куп говори во кои тврдеше дека зголемувањето на платите ќе доведе до поголема инфлација, практично поскапеја сите услуги што имаат врска со државата,како струјата и парното, покрај храната, а се навестува и поскапување на градинките. Одењето на ургентен со оваа цена практично ќе стане луксуз за некои граѓани.