Здравствената агенција на САД во хаос откако директорката одби да поднесе оставка


 

Највисоката агенција за јавно здравје на САД влезе во хаос во средата откако администрацијата на Трамп презеде чекори за отстранување на нејзината лидерка Сузан Монарез, која положи заклетва пред помалку од еден месец, откако нејзините адвокати рекоа дека таа нема да поднесе оставка и дека е „таргетирана“ поради нејзиниот став за наука.

Монарез, директорка на Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), беше отстранета во среда вечерта, според соопштението на Министерството за здравство и човечки услуги (ХХС), кое не понуди објаснување за нејзината одлука.

„Сузан Монарез повеќе не е директорка на Центрите за контрола и превенција на болести. Ѝ благодариме за нејзината посветена служба на американскиот народ“, се вели во непотпишаното соопштение на ХХС објавено на социјалните медиуми. Нејзините адвокати возвратија со соопштение, велејќи дека таа „ниту поднела оставка ниту добила известување“ од Белата куќа за нејзиното разрешување.

Монарез, која беше потврдена од Сенатот минатиот месец, се чини дека се судрила со Роберт Кенеди Џуниор, секретар за здравство на САД, откако таа одби да поддржи сеопфатни промени во политиките за вакцини во САД, според извештаите на „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“.

„Прво тоа беа независни советодавни комитети и кариерни експерти. Потоа беше отпуштањето на искусни научници. Сега, секретарота Кенеди и Министерството за здравство се насочија кон претворање на јавното здравство во оружје за политичка корист и ставање во опасност милиони американски животи“, изјавија нејзините адвокати. „Кога директорката на ЦДЦ, Сузан Монарез, одби да ги потврди ненаучните, неодговорни директиви и отпуштање посветени здравствени експерти, таа избра да ја заштити јавноста наместо да служи на политичка агенда. Поради тоа, таа беше цел.“

Отпуштањето предизвика бран на заминувања во рамките на агенцијата, при што најмалку тројца други лидери на ЦДЦ јавно поднесоа оставки по објавата на ХХС.

Најексплозивното писмо за оставка дојде од д-р Деметре Даскалакис, кој се повлече од функцијата директор на Националниот центар за имунизација и респираторни заболувања.

„Не сум во можност повеќе да ја извршувам оваа улога поради континуираното користење на јавното здравје како оружје. Вие сте најдобриот тим со кој некогаш сум соработувал и продолжувате да блескате и покрај овој темен облак над агенцијата и нашата професија“, напиша Даскалакис.

Неколку часа пред да биде отстранета Монарез, Кенеди ги поздрави одлуките на Администрацијата за храна и лекови во среда за одземање на овластувањето за итна употреба на вакцините против Ковид-19 произведени од „Фајзер“, „Модерна“ и „Новавакс“, за кои експертите на ЦДЦ проценуваат дека спасиле 3,2 милиони животи во Соединетите Држави.